Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц не покажуваат желба да учествуваат во посредувањето во мировните преговори за решавање на судирот во Украина, соопшти денеска Кремљ.
„Што се однесува до Макрон и Шолц, тие во последно време не покажуваат желба да го слушаат ставот на руската страна ниту да учествуваат во било какви напори во врска со посредување“, изјавил портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Тој го пофалил ставот на Анкара, кој многу се разликува од ставовите на Париз и Берлин.
„Анкара покажува подготвеност да ги продолжи посредничките напори кои рускиот претседател Владимир Путин многу ги цени“, рекол Песков.
Членката на НАТО, Турција, која е многу зависна од руските гас и нафта, се обидува од почетокот на руската офанзива на 24-ти февруари да ги одржи односите и со Украина и со Русија и не се приклучила на меѓународните санкции за Москва.
Анкара одигра клучна улога во размената на заробеници во септември меѓу Русија и Украина, а во јули во склучувањето на договор меѓу двете земји за дозвола за извоз на украинските житарки преку Црното море и Босфорот.