(Точка дознава) Каков е ставот на досегашните наши претставници за одлуката Македонија да не учествува на Евровизија 2023?

Точка

17/10/2022

23:49

154.192

Големина на фонт

а а а

Македонија го откажа учеството на Евровизија 2023 година, која ќе се одржи во мај во Ливерпул, Велика Британија. Информацијата ја потврдија и од МРТВ, од каде велат дека за првпат по осамостојувањето, нашата земја нема да биде дел од најголемата музичка манифестација во Европа.

Пишува: Цеце Николова

„Да, точно е дека нема да учествуваме на Евровизија. Не сме платиле котизација. Најголем проблем се струјата и големите трошоци, кои ќе ги предизвика патувањето и престојот во Велика Британија. Поради оваа состојба скратени се сите трошоци, па така и овие кои требаше да се платат за учество на Евросонг, ги насочивме за плаќање струја“, велат од МРТВ.

Со оглед дека оваа одлука на МРТВ предизвика лавина реакции од јавноста, одлучивме да го слушнеме мислењето и на дел од нашите досегашни претставници на Евросонг. Ги прашавме Каролина Гочева, Стефан Филиповски, Тамара Тодевска, Влатко Лозаноски, Бојан и Марија од Eye Cue, Ѓоко Танески, Васил Гарванлиев и Андреа Коевска -  какво е нивното мислење за тоа што Македонија нема да се претстави на Евровизија 2023, а нивните одговори проследете ги во продолжение.

Каролина Гочева

„Јас се согласувам со тоа дека на Евровизија не треба да се оди по секоја цена, но како артист и поранешен учесник, жал ми е за донесената одлука, најмногу поради тоа што Евровизија е за жал едно од малкуте случувања каде народот има можност да се сплоти и да ја почувствува убавината на тоа како е да се навива за својата земја“.

Стефан Филиповски (Некст тајм)

„Не ја сакам Евровизија, така што, не ми значи дали ќе пееме или не. Пеевме еднаш, беше добро искуство за секој изведувач, но не е крај на свет ако не настапуваме таму. Ако искрено ги насочат средствата кон струја и тоа нешто реши – ок, меѓутоа се сомневам дека тоа ќе биде така. Како и да е, да не шпекулираме, не знаеме зошто е тоа така, но факт е дека културата кај нас секогаш најмногу страда“.

Тамара Тодевска

„Сакале да признаеме или не, Евровизија е глобален музички настан, кој е следен на светско ниво. Јас секогаш сум била на ставот дека на Евровизија треба да се учествува, но единствено со квалитетна песна, настап, staging, тимска работа, неколку-месечна интензивна промоција на песна и други активности.

Случајот со Proud потврдува дека кога имаме целосен производ, резултатот е возможен. Евровизија е одлична можност за промоција на музичарите, но и за афирмација на Македонија. За жал, кај нас секогаш се подразбира дека единствено се трошат буџетски средства, но Евровизија е одлична можност и да се претставиш, да бидеш препознаен, а од тоа бенефит да има и делегацијата, изведувачот, државата и нашата култура.

Апсолутно дека се наоѓаме во ек на глобална економска криза, кога и ние како држава, но и светот се соочува со голем број предизвици.

Мене ми е жал кога во секоја криза секогаш се крати од културата, од музиката. Дали неучеството на Евровизија ќе ни ги реши проблемите – нема, но и учество на Евровизија само за да се учествува – не поддржувам.

Потребно е да изградиме стратегија на оваа тема и подготовките почнуваат веднаш по завршувањето на музичкиот настан (во мај). Само така ќе можеме да понудиме квалитет и граѓаните да ја вратат довербата во националниот избор“.

Влатко Лозаноски

„Мое мислење е дека Македонија треба да учествува на Евровизија, без оглед на сè. Ние како народ и нација имаме што да понудиме и не треба да се изолираме од светските случувања. Евровизија можеби е натпревар, но музиката не е, за вкусови не треба да се дебатира. За секоја песна си има своја публика и светот мора да ја чуе нашата песна“.

Бојан и Марија (Eye Cue)

„Штета што оваа година Македонија нема да оди на Евровизија, бидејќи е одличен начин да се претстави земјата и културата и особено квалитетната музика која излегува од овие простори.

Евровизијата е можност за нашите македонски артисти да стекнат музичко и сценско искуство како дел од светска организација која за жал ретко ја има на овие простори. Веруваме дека сите би сакале да се дел од светот и случувањата во 2023 година, а како би дошло до тоа доколку не се вклучуваме на ваков тип на настани кои имаат за цел да ја испромовираат државата и културата. Уште една огромна штета е како македонската јавност реагира на оваа вест - среќно и весело, без притоа да размисли каква последица тоа би оставило врз државата, а потоа и самите нив. Интересно е тоа што истите тие најчесто се лутат доколку некој странец не знае каде е Македонија на мапа, а не прифаќаат промоција за да светот дознае за неа“.

Ѓоко Танески

„Ова е една неисцрпна тема на која можеме да разговараме до бесконечност и назад. Евровизија е секако престижен музички фестивал, каде секој ја претставува пред сè својата татковина, себеси, но и сѐ што е поврзано со земјата од каде што доаѓа.

Но, иако имаме поп-сцена која се вклопува во евровизиските рамки, во последните години Евровизија за жал ми се чини дека е далеку од културна манифестација, т.е. моето, но и мислењето на поголем дел од луѓето со кои сум дискутирал, е дека оној традиционален сјај на фестивал со квалитетен музички натпревар, како да се претвори во микс од сите европски политики и состојби, а музичката драж скоро и да ја снемува. Сега тоа е еден вид „лесна забава“ што народот ја гледа за да плука и исмејува, сведоци сме по статусите на социјалните мрежи за сето тоа, нели?

Така што, сметам дека не е трагедија оваа година да бидеме само публика, но исто така сметам дека буџетот кој е планиран за Евровизија, треба да се пренасочи во корист на македонските музички артисти, особено сега во време на светска економска криза, од која сите сме погодени, особено уметничката фела.

Убаво е парите да се искористат за снимање на песни и спотови како засебна промоција и поддршка на секој музичар во нашата земја, но секако, ова е само една моја иницијатива и желба, незнаејќи ги можностите на буџетот со кој располага нашиот национален телевизиски дифузер“.

Васил Гарванлиев

„Уште кога се објави дека Евровизија ќе се одржува во Англија претпоставив дека нема да учествуваме. Штета што после толку време МРТВ направи обид за поотворен избор на песна и сега откажа учество. Евровизија е желба и предизвик за секој пејач/ка и штета што од ваков голем фестивал ќе се откажеме. Се надевам дека ќе се случат промени и еднаш засекогаш ќе сфатиме дека инвестирање во културата и уметноста се круцијални за една земја“.

Андреа Коевска

„Искрено многу ми е жал. Сите знаеме дека Евровизија е најголемиот фестивал во Европа, а воедно и најкреативниот. Убаво е секоја држава да има можност да го покаже својот квалитет на музички план. Единствена причина за која не треба да се учествува е ако навистина се немаат ресурси поради кризата. Инаку, во спротивно би било многу тажно да не учествуваме на најголемото фестивалско остварување во светот. Но, секако има многу прашања, чии одговори никогаш нема да ги знаеме во целост“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг