Рускиот амбасадор при ОН: Диверзијата на гасоводите Северен тек 1 и 2 оди во прилог на САД, ние ги градевме бидејќи и се потребни на Европа

Точка

01/10/2022

11:45

2.800

Големина на фонт

а а а

Диверзијата на гасоводите Северен тек 1 и 2 оди во прилог на САД, а не на Русија која ги градеше тие гасоводи и Европа на која и се потребни енергенти, изјавил амбасадорот на Русија при ОН, Василиј Небензја.

„Дали тоа што се случи со Северен тек е од корист за САД? Несомнено“, рекол Небензја вчера на седницата на Советот за безбедност на ОН.

Како што пренесува "Sputnik" тој рекол дека тоа им оди во прилог на американските доставувачи на енергенти, а гледано од политички аспект, со диверзиите е прекината и последната нишка која ја осигуруваше енергетската безбедност на ЕУ.


Небензја потсетил дека ЕУ го поддржувала тој проект и дека Русија не би нанесувала штета на гасоводот чија изградба самата ја финансирала.

„Сметаме дека активностите кои доведоа до оштетување на гасоводот се смислена диверзија“, истакнал рускиот амбасадор, додавајќи дека зад нападот не би можеле да стојат "обични терористи".


Таков напад, истакнал, не би бил можен без учество на држави или субјекти под нејзина контрола.

Русија ќе утврди кој е одговорен за нападот, рекол Небензја и додал дека било каква истрага на диверзијата без учество на Русија ќе предизвика сомнеж во нејзината објективност.


Според неговите зборови, истрагата би можеле да ја спроведат Русија, Германија, Данска и Шведска.

Рускиот амбасадор рекол и дека земјите од Западот ги сметаат нападите на гасоводите како одмазда за активностите на Русија во Украина и додал дека изјавите на американската страна го намалуваат кругот на осомничени.