Османи: Лага е дека имало предлог за моја смена и тоа не заслужува никаков коментар

Макфакс

26/09/2022

13:52

1.359

Големина на фонт

а а а

За министерот Бујар Османи информацијата дека имало предлог за негова смена за да се смират партиските страсти по реакциите на неколку функционери е лажна вест која не заслужува да ја коментира.

– Лага е дека имало предлог за моја смена и тоа не заслужува никаков коментар посебно кога настапувам како министер. Во однос на отвореното писмо од група членови на ДУИ ќе кажам само дека имаме голема внатрепартиска демократија и секој може да си го каже својот став, но дека последниот збор го има лидерот Али Ахмети. А со вчерашната изјава на Ахмети оваа приказна е завршена – рече Османи на брифингот во МНР.

Истакнати членови на ДУИ меѓу кои Муса Џафери, Изет Меџити и Блерим Беџети во отворено писмо побараа дебата и го повикаа лидерот Али Ахмети да го искористи својот авторитет и статутарно право да го зачува партиското единство, но без Артан Груби кого го обвинуваат за состојбите во партијата.

Ахмети вчера од Тетово истакна дека ДУИ може да функционира без кој било поединец во партијата, вклучувајќи го и него како лидер затоа што ДУИ е национална инвестиција во која нема место за анархија.