(Видео) Русите и на тротинети бегаат од земјата: На границите километарски колони, луѓето не бираат начини да се спасат од мобилизација

Точка

23/09/2022

21:00

7.002

Големина на фонт

а а а

Русите масовно ја напуштаат својата татковина откако Владимир Путин прогласи делумна мобилизација на 300.000 војници за војната во Украина.

На видеата од граничните премини се гледаат колони од автомобили долги и по неколку десетици километри.

Иако од Кремљ тврдат дека извештаите за егзодусот на воено способни мажи се „напумпани“, на бројните гранични премини со Русија се создаваат колони автомобили, а има метеж и на аеродромите, иако цените на картите во еден правец од Русија достигнуваат и до 10.000 евра.

Гужви настанале на границите на Русија со Казахстан, Монголија и Финска. Километарски колони автомобили се формирале и на границата на Русија со Грузија, за што сведочат бројните снимки од граничните премини.

Ендрју Рот, дописник на „The Guardian“ од Москва, објави видео кое покажува дека Русите не бираат средства за да ја напуштат земјата, па дури и со тротинети ја преминуваат границата со Грузија, бидејќи поради големите гужви и застои е невозможно да ја преминат со автомобил.

Како што пренесуваат медиумите, руско-грузиската граница е сега долга 14 километри и се потребни 30 часа за да се премине.

Исто така е наведено дека бројот на руски државјани кои во четвртокот влегле во Финска е повеќе од двојно поголем во однос на една недела претходно.

Според финската гранична стража, 4.824 Руси ја преминале границата во еден ден, што е голем пораст во однос на 3.133, колку што ја преминале во текот на целата недела.

Финска размислува да забрани влез за повеќето Руси откако прекуграничниот сообраќај се „интензивирал“ во четвртокот. Финските копнени гранични премини се едни од малубројните влезови во Европа за Русите, откако низа западни земји ги затворија физичките граници и воздушниот простор за руските авиони поради нападот на Украина.



Спонзорирани линкови

Маркетинг