(Видео) Путин повторно морал да чека: По претседателот на Турција, лидер на уште една земја го „понижил“

Точка

16/09/2022

17:11

6.736

Големина на фонт

а а а

Видеото од рускиот претседател Владимир Путин како го чека претседателот на Киргистан, Садир Жапаров, стана вирална на социјалните мрежи.

Видеото настанало во текот на самитот во Узбекистан, на кој рускиот лидер се сретнал со лидерите на Кина, Туркменистан, Узбекистан, Иран и Пакистан.

Путин на маргините од самитот се сретнал и со претседателот на Киргистан, но како што може да се заклучи од видеото, таа средба не започнала како што треба.

Имено, како што се гледа на видеото кое се појави во четвртокот, Путин прв стигнал на местото на состанокот, од џебот извадил белешки и застанал пред својот стол.


Снимен е како хартиите ги става на масата, а дури после неколку секунди му се придружил колегата.

Видеото предизвикало лавина коментари на социјалните мрежи. Некои пишувале дека Путин е „понижен“ дека ова е уште едно „непочитување“ на рускиот претседател.

„Претходно шефот на Кремљ сакаше да ги остава светските лидери да го чекаат. Отсега, дури и претседателот на Киргистан си дозволи себеси да доцни на состанокот“, гласи еден од коментарите под видеото.

Видеото го коментирала и Кира Јармиш, портпаролка на опозицискиот лидер Алексеј Навални.

„Со оглед на тоа што Путин доцнењето го смета за знак за своја моќ и инструмент за понижување, прилично е добро да се види како тој е тој којшто сега е принуден да чека, прво претседателот на Турција, а сега и претседателот на Киргистан“, изјавила таа.


Да ве потсетиме, пред неколку месеци на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како Путин го чека турскиот колега Реџеп Таип Ердоган.

На видеото кое настанало воочи состанокот во јули се гледа како Путин е нервозен, ја преместува тежината од една на друга страна и постојано го менува изразот на лицето.

Иако чекањето на Путин траело малку подолго од една минута, експертите за невербален говор тврдат дека на Путин наводно му било непријатно.

Некои шпекулирале дека доцнењето на Путин кога се сретнува со меѓународните лидери има врска со психологијата на неговото владеење кое се поврзува со раните денови на неговото владеење.

Путин во 2003 година задоцнил на состанокот со кралицата Елизабета 14 минути, а една година претходно родителите на децата починати во авионска несреќа ги оставил да чекаат на гробишта два часа.

Папата Франциско го чекал еден час во јуни 2015 година во Ватикан, додека пак во 2018 година американскиот претседател Доналд Трамп го чекал 45 минути воочи закажаниот состанок на Самитот во Хелсинки.

„Радио слободна Европа“ пренесува дека апсолутен рекордер во чекање е Ангела Меркел која на состанокот со Путин чекала 3 часа и 15 минути, а нешто помалку, односно три часа го чекал поранешниот украински претседател Виктор Јануковиќ.




Спонзорирани линкови

Маркетинг