Инфлацијата во Хрватска достигнала рекордни 12,3 проценти

Точка

17/08/2022

16:53

3.549

Големина на фонт

а а а

Потрошувачките цени во Хрватска во јули пораснале за 12,3 проценти во однос на истиот месец минатата година, што е најголема стапка на инфлација откако Државниот завод за статистика (ДЗС) ги води тие податоци, а најголеми последици има од растот на цената на горивата и храната.

Цените на производите и услугите за лична потрошувачка, мерени со индексот на потрошувачките цени, во јули во однос на јуни пораснале за 0,4 проценти, јавува „HRT“.

Растот на цените од 12,3 проценти претставува забрзување во однос на јуни, кога пораснале за 12,1 процент на годишно ниво.

Гледано според главните групи „ECOICOP“, најголем раст на цените е остварен во ставките: превоз за 19,2 проценти, храна и безалкохолни пијалаци за 18,3 проценти, ресторани и хотели за 16,8 проценти, домашни потрепштини и опрема за дома и редовно одржување на домот за 14,1 процент, рекреација и култура за 10 проценти, кирија, комуналии, вода и струја, како и горива за 9,7 проценти, услуги за 7 проценти, облека и чевли за 5,5 проценти, објавил Државниот завод за статистика.


„Растот на цените во јули и август продолжува во однос на истиот период минатата година. Туристичката сезона покажа дека потрошувачите на туристички услуги во Хрватска, во главно странските гости, се подготвени да платат било која цена на туристички услуги и потрошувачка, а тоа важно влијае на растот на сите потрошувачки цени и на стапката на инфлација“, рекол за Хрватско радио економскиот аналитичар Дамир Новотни.

Претседателот на Сојузот на самостојни синдикати, Младен Новосел смета дека растот на платите мора да биде одговор на инфлацијата: „Од Владата ќе бараме, кога во септември ќе почнат преговорите, зголемување на платите во јавниот и државниот сектор за најмалку 10 проценти. Истото ќе го бараме и во приватниот сектор, иако тука постапката ќе биде малку потешка“.


Хрвоје Бујас од Гласот на претприемачи нагласува дека Владата мора да направи клучни исчекори во реформите: „Првиот е укинување на парафискалните давачки, вториот е намалување на ДДВ, 10 проценти во угостителството и туризмот, 20 проценти на останатите. ДДВ од 25 проценти е втор највисок ДДВ во ЕУ. За тоа нема потреба, а ние како општество не можеме да го поднесеме. И третиот е намалување на бирократијата“.




Спонзорирани линкови

Маркетинг