Димитар Блажевски е човекот кој стои зад скопскиот пиварски крафт бренд СК091, и е пионер во дизајнирањето на првата крафт лименка во Македонија и прв „gypsy brew“ кај нас. За кусо време успеа да ја реализира и првата меѓународна соработка со крафт пивара од Хрватска.
Одличен доказ за тоа е соработката меѓу македонскиот СК091 со загребската пивара Hotch Potch и проширувањето на крафт пивата на меѓународен пазар.
Иако, кај нас создавањето на пивската крафт сцена е се уште во зародиш, за разлика од светската крафт култура, која е во предност и во квалитативна и во квантитативна смисла, сепак постојат ретки изблици на брувери, кои веќе го свртеа вниманието кон себе. Еден од нив е Димитар Блажевски, чиј искрен труд и авторски креативизам се доказ дека и кај нас индивидуалните приказни може да станат реалност.
Клучен импулс да влезе во светот на занаетчиското кување пиво била потребата за креација.
„Страста кон кувањето и можноста за креација беа причините да го прифатам овој предизвик, кој во почетокот почна како хоби, за денес да прерасне во бренд“, вели Блажевски или познат во скопските кругови како Дики.
„Секој на различен начин го ужива пивото, особено кога зборуваме за крафт пивата, чии вкусови денес на светската сцена се доведени до совршенство, а дизајните на лименките и шишињата наликуваат на мали уметнички дела. Кон оваа амбиција тежнее и мојот бренд СК091“, потенцира Дики.
Крафт пивото е биолошки избалансиран производ и се класифицира како течна храна. Енергетската вредност на еден литар пиво одговора на енергентската вредност на еден литар полномасно млеко. Главната состојка на пивото – хмељот е богата со антиоксиданси, кои, како што покажаа многу истражувања се одговорни за одржување на мускулната маса и забрзување на метаболизмот.
„Крафт или занаетчиското пиво се готви од исклучително природни состојки и не содржи никакви вештачки додатоци, појачувачи и бои. Креирано е од природни состојки, потикнато од природна ферментација и жив кавасец. Наменето е за умерено конзумирање, а богато е со база на пробиотици, ензими и протени кои се препорачливи за добро здравје“, објаснува Блажевски.
„Пред точно 6 години, кога посакав да скувам пиво, првин, долго време истражував, читав, почнав да ги следам трендовите, искуствата на крафт брувери, кои ја водат светската крафт сцена. Откако собрав теоретско предзнаење, се охрабрив да пробам да го скувам моето прво пиво. Ги набавив основните состојки, како слад, квасец, хмељ... купив и мала опрема и она што ми беше најважно е да успеам да извадам – пиво. Направив повеќе од 40-тина варки со различни вкусови, експериментирав со овошја, како праска, боровница, дури направив и пиво со липа. Низ процесот ги учев профилите на сликите на хмељот, сладот, квасецот и водата, многу е битно да ги усогласиш да ги избалансираш и да добиеш тоа што сакаш од нив. Горе долу сите беа успешни, во почетокот ги дегустирав со луѓето од моето непосредно опкружување, моите пријатели и познаници, тие беа првите искрени критичари. Нивните позитивни коментари се повеќе ме охрабруваа дека сум на добар пат да продолжам понатаму“, вели Блажевски.
Подоцна, кога добил поголема самодоверба во она што го работи, не го задоволувала само импровизираната опрема и условите во кои работел, посакал нешто повеќе.
„Сакав да го контролирам процесот да пробувам и да експериментирам со повеќе стилови и да го владеам процесот на кување... така и почнав да растам како пивар. Уживам во самиот процес на работа од кување, преку ферментација до креирање финален продукт. Адреналинот на самиот процес е тоа што ме одржа низ годиниве да истрајам во оваа работа. Убавината во крафтот е што тој претставува „инди сцена“ имаш огромна слобода во создавањето. Си правиш приказна, се трудиш да го добиеш тоа што си го замислил. За крафт пивото се вели дека и да учиш за процесот од други пивари, не можеш да го копираш, бидејќи секој кува во различни услови и стилот на пивото го градиш сам“, вели Дики.
Сепак, не постои домашен пивар, кој не сонува да скува поголема и посериозна количина пиво.
„Така и моите апетити растеа. Се најдовме на иста фрекфенција со момците од Пивница - Стар Град во Скопје, кои ми ослободија дел од нивните капацитети и ми овозможија на направам пионерски чекор - да скувам сопствено пиво, коешто е легален продукт, достапен за поширока консумација. Така го создадов брендот СК091. Првите две пива кои ги создадов им дадов наслов DEMO и INDIE“, вели Димитар.
Во прво време пивото го пакувал во стаклени шишиња. Потоа се охрабрил да произведува пиво во лименки, иако отпорот кон лименка, особено на луѓето од услужните и угостителски дејности, како кафулињата и клубовите, не само кај нас дури и во светот е голем.
„Се уште не е доволно познат фактот дека самиот продукт во лименка има повеќе предности. Првата е што самата амбалажа го заштитува продуктот од влијание на кислород и ризикот е намален на нула. Потоа, лименката го заштитува продуктот од светлината, а кислородот и светлината се главните непријатели за несакани реакции, вкусови и ароми на пивото. Покрај тоа што лименката е попрактична како амбалажа, полесна е и за транспорт, а во однос на рециклажа се троши помалку енергија, отколку да се рециклира шише. А она што најмногу фасцинира е што најголем дел од светски познатите брувери ги пакуваат своите пива, токму во лименки, бидејќи самата форма дозволува да се креираат фантастични визуелни дизајни, кои се доведени до ниво на мали уметнички дела. Се разбира, како и секој автентичен пијалак и за овој, убаво е да се вкуси во брендирана чаша соодветна за крафт пиво“, тврди Димитар.
Како што номандското кување има свои предности, има и свои маани, бидејќи Македонија располага само со неколку новоотворени мини микро пивари и можноста за кување е мала. За среќа, Димитар ја интензивира конуникацијата со регионални пивари, па така се раѓа и првата колаборација меѓу две независни крафт пивари, неговата и онаа познатата од Загреб, под брендот Hotch Potch.
„Имав среќа да упознаам двајца фантастични момци тоа се Димитар Јовановски и Круме Ивановски, крафт пивари под брендот Hotch Potch од Загреб и така дојдовме до идеја да направиме пионерски потфат – соработка меѓу две независни пивари, тренд кој е многу популарен во светот. Се наместија коцките и договорот падна да скуваме заедничко пиво. Изборот падна на еден класичен стил English porter темно ALE пиво и одлучивме да го зготвиме во првата загребска „Змајска пивара“. Кога ја одбравме пиварата решивме да го спакуваме во лименка и така се роди првото македонско/хрватско крафт пиво во лименка. Го нарековме 5PM. Ова е првата меѓународна колаборција во Македонија помеѓу крафт пиварите, кои креираат крафт пиво и за хрватскиот и за македонскиот пазар. Решивме соработката да продолжи и неодамна креиравме второ, овој пат летно и лесно ароматично пиво, и го нарековме VIBE, користевме квасец кој сам по себе ги прави пивата матни и им дава посебна димензија“, раскажува Димитар за успешната соработка.
Неговите пива можат да се вкусат во повеќе скопски и загребски кафулиња, особено во оние, каде се трудат да ја негуваат пивската култура во својата понуда, тој продоложува да создава нови вкусови и нови стилови на пиво, а ние, неговата успешна приказна продолжуваме будно да ја следиме.