Партијата Единствена Македонија, побара од експремиерот Љубчо Георгиевски да го каже, како што се посочува, и вториот дел за купувањето на украинското оружје во 2001 година. Партијата на Јанко Бачев го обвинува Георгиевски за воено профитерство и побараа од него да одговори колкава била провизијата од оружјето.
Во прилог, целото соопштение на Единствена Македонија:
„Јавноста вчера слушна за радосната изјава и восхитот на партијата на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, ВМРО-Народна дека тенковите кои сега Македонија ги подарува на Украина не биле купувани од Русија туку од Украина. Се работи за оружје кое Македонија го купи од Украина во војната со албанските терористи во воената 2001 година.
Единствена Македонија го повикува Љубчо Георгиевски да го каже и вториот дел од приказна со купувањето на оружјето, дотолку повеќе, половина од сумата од продажбата на Телеком (800 милиони тогашни германски марки) или 400 милиони марки се потрошија во воената 2001 за воени потреби.
Многу е пишувано за предавствата на Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски во воената 2001 година. Но, јавноста за военото профитерство во тоа време ништо не знае, посебно за набавката на оружјето од Украина.
Јавноста има право на одговор прашањето како Љубчо уште со двајца во тоа време од кои еден македонски дипломат директно го набавија оружјето од Украина и колкава беше провизијата за Љубчо, дотолку повеќе, додека македонските бранители гинеа во одбраната на македонскиот територијален интегритет и суверенитет, Љубчо според податоците на Единствена Македонија заедно со тесен круг на ликови вршеше воено профитерство“.