ССМ повторно со протест пред Собранието

Макфакс

02/07/2022

09:49

1.191

Големина на фонт

а а а

Сојузот на синдикати на Македонија и денеска ќе протестира пред Собранието. Најавено е дека ќе постават столчиња во знак на поддршка на членовите на Комисијата за финансирање и буџет да го изгласаат амандманот со кој се бараат средства во ребалансот на Буџетот за линеарна исплата на 2.806 денари во нето износ за вработените во јавниот сектор.

Од Синдикатот најавија дека пред Собранието ќе бидат поставени 14 столчиња, а протестот ќе почне во 13:30 часот и во тој временски период сообраќајот ќе биде во прекин.

„Собранието и Владата најважно е да го решат проблемот на работниците и да немаат работници кои не можат да си дозволат да си купат леб и да си платат сметки за струја“ – велат од ССМ.

Оттаму посочуваат дека покачувањата на цените лесно ги прават од денеска за утре на штета на рабониците и граѓаните, а за покачување на платите им е потребно време и методологија повторно на штета на работниците и граѓаните.

„Жолтите картони денеска за пратениците кои еднаш гласаа против работниците, ќе станат црвен картон од работниците за пратениците кои се против нивните плати“ – велат од ССМ.

Генералниот штрајк во јавниот сектор почна на 22 јуни со барања за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари во нето износ за сите вработени согласно зголемувањето на минималната плата, потпишување на Општиот колективниот договор и исплата на К-15.

На првиот ден од штрајкот беа поставени 120 столчиња пред Собранието, а на вториот ден 21 столче пред Владата. Во изминатите денови столчиња беа поставени и пред министерствата за финансии и за труд и социјална политика. Синдикалните претставници во понеделникот три часа го блокираа и влезот на Скопје кај Автокоманда.



Спонзорирани линкови

Маркетинг