Ед Ширан победи на суд - најголемиот хит му донесе над 1 милион евра отштета

Точка

23/06/2022

12:52

7.854

Големина на фонт

а а а

Славниот британски пејач Ед Ширан доби над 1 милион евра отштета по добивање на судскиот спор за авторски права над својот мегахит „Shape of You“.

За потсетување, Ширан и неговите соработници, Џон Мекдејд од групата „Snow Patrol“ и продуцентот Стивен Мекачон, беа тужени од страна на британскиот музичар Сами Чокри.

Случајот беше отпочнат поради кршење на авторски права наведувајќи дека Ширан „украл“ дел од неговата песна „Oh Why“ која е објавена во 2015 година.

Ширан од почетокот негираше дека претходно ја слушнал песната, што на крајот, во април оваа година беше заклучено и на суд.

Иако по пресудата адвокатите на Чокри тврделе дека Ширан и неговиот тим би требало сами да ги платат своите правни трошоци, во вчерашната пресуда на судијата Ентони Закароли било одлучено дека тоа сепак ќе го направат поднесителите на тужбата, наложувајќи привремена исплата од над 1 милион евра отштета.

Се очекува понатамошна расправа на која ќе се проценат и финализираат износите, пренесуваат странските медиуми.


Адвокатот на Ширан претходно изјави дека целиот случај претставува длабока траума за пејачот и неговите соработници, но за среќа истиот е завршен.

И покрај тоа што речиси 10 отсто од плаќањата биле замрзнати поради судењето, песната „Shape of You“ им донесе на Ед и неговите партнери околу 5 милиони фунти годишно, односно 6 милиони евра.



Спонзорирани линкови

Маркетинг