Целосно исплатени субвенциите за тутун, објави Министерството за земјоделство

Макфакс

23/06/2022

11:44

898

Големина на фонт

а а а

Заврши целосната исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2021, а исплатени се вкупно 1,3 милијарда денари на сметките на 17 илјади тутунопроизводители, соопшти Министерството.

Појаснуваат дека процедурата со која тутунарите ја добија оваа финансиската поддршка почна веднаш кога пратениците во Собранието ја деблокираа законската измена во Законот за земјоделството и руралниот развој преку одложувањето на обврската кон УЈП.

„МЗШВ изразува жалење што овие средства не беа порано исплатени на сметките на тутунарите бидејќи процесот на донесување на оваа законска измена во Собранието беше закочен речиси 6 месеци, односно од февруари 2022 година. Со надминување на блокадата и донесувањето на измените во Законот за земјоделството и руралниот развој овозможивме услови од оваа година да се почне и со авансна исплата на субвенциите, мерка што не се случила во изминатите 16 години. Токму преку оваа измена земјоделците ќе може 30 % од субвенциите да ги добијат авансно, односно во рок од 90 дена по аплицирањето“, велат од ова Министерство.

Повикуваат, како што велат, на разум и обединетост и во донесувањето на ребалансот на буџетот за 2022 година, каде што се предвидени 2,7 милијарди денари, дополнителни средства за комплетно исплаќање на субвенциите кон земјоделците.

Информираат дека во следниот период почнува реализацијата на исплатата за финансиската поддршка за набавено вештачко ѓубриво и поддршката за продадени или заклани гоеници – мерки со кои ги помагаат земјоделците во услови на криза преку интервентниот фонд. Во тек е, како што дообјаснуваат, и реализација на поддршката преку програмата за директни плаќања за премијата за произведено и предадено млеко јануари – февруари 2021, како и субвенциите за заклани бројлери и несилки во регистрирани кланични капацитети.



Спонзорирани линкови

Маркетинг