Австралискиот премиер Морисон го признал поразот, гласовите сè уште се пребројуваат

Макфакс

21/05/2022

21:14

2.867

Големина на фонт

а а а

Австралискиот премиер Скот Морисон ја загуби власта откако земјата ја избра првата лабуристичка влада по речиси десет години, според локалните мрежи.

Тој, како што пишуваат медиумите го признал поразот во текот на денот.

Лидерот на Лабуристичката партија, Ентони Албанез, ќе биде следниот премиер на Австралија, според проекциите на трите големи информативни мрежи, пренесува Си-Ен-Ен.

Медиумите ги проектираа резултатите бидејќи гласовите сè уште се пребројуваат. Ниту една мрежа сè уште не предвидува дека лабуристите ќе освојат мнозинство од 76 места, но медиумите веруваат дека Либерално-Националната коалиција на Скот Морисон нема начин до мнозинска или малцинска влада.

Австралискиот премиер Скот Морисон изјавил дека го признава поразот на денешните избори, додавајќи дека иако пребројувањето на гласовите не е завршено, се чини дека опозициската Лабуристичка партија ќе формира влада.

„Разговарав со лидерот на опозицијата и иден премиер Ентони Албанез и му честитав на изборната победа“, изјавил Морисон во телевизиско обраќање, пренесе Ројтерс.

Морисон додал дека ќе поднесе оставка од позицијата лидер на Либералната партија.

Морисон стана премиер во 2018 година, потсетува Ројтерс.

Претходно австралиските телевизии објавија дека опозициската Лабуристичка партија е се поблиску до победа на денешните општи избори во таа земја.

Гласачите и го свртеа грбот на владејачката конзервативна коалиција во корист на независни и помали партии фокусирани на климатските прашања, пишува Ројтерс.

По девет години во опозиција, лабуристите би можеле да ја преземат власта, но можеби ќе им треба поддршката од Зелените и другите еколошки ориентирани политички сили, наведува британската агенција.

Според делумните резултати, гласачите очигледно ја казниле Либерално-Националната коалиција на премиерот Скот Морисон во богатите урбани места, а особено во Западна Австралија, оценуваат медиумите.

Конечните резултати од изборите веројатно ќе се чекаат подолго, бидејќи рекорден број на луѓе гласале по пошта, пренесува британската агенција.



Спонзорирани линкови

Маркетинг