(Видео) „Поминуваат плати од 2 денари, 100 денари и под минималец“: Драматичен раст на бројот на работници кои не добиле плата за април

Точка

19/05/2022

17:34

3.613

Големина на фонт

а а а

Драматична бројка на вработени кои не земале плата во април за разлика од март, покажуваат податоците од УЈП. Ако за март бројката била 7.284 вработени, за април без плата останале 87.051 вработен.

Во оваа бројка влегуваат и оние кои работат за минималец од 18.000 денари. Дел од работодавачите доцнат бидејќи аплицирале за субвенции за минимална плата и сè уште ја чекаат државната помош, кај дел причините се други основи.

Според податоцита на УЈП, во март имало над 4.000 фирми кои воопшто не доставиле пресметки за плата и над 3.000 фирми кои доставиле, но не исплатиле плата до дадениот рок. Во април, бројките пораснале – Над 6.000 фирми без пресметки и 16.000 фирми кои не го испочитувале рокот за исплата на плата. Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, вели на дел од фирмите веќе им се блокирани сметките.

„Дел од фимите на кои им испративме опомени веднаш ги исплатија вработените, а на дел од нив, кои и после опомената не исплатија плати, веќе им се блокирани сметките“, изјави Лукаревска.

Од УЈП појаснуваат дека огромната бројка од над 87.000 работници може драстично да се намали во наредниот период, а откако ќе почнат да испраќаат предупредувања во фирмите. Оттаму велат дека има многу фирми кои платите ги исплаќаат и после 15-ти во тековниот месец, односно по алармирањето од страна на Управата.

Во меѓувреме, расте бројот на фирми кои побарале субвенции на придонесите. Ако во март имало барања за над 22.000 работници, во април бројот се зголемил на барања за 25.000 работници. Зголемен е и бројот на фирми кои побарале помош за исплата на минималната плата - од 1.703 фирми во март, на 2.777 во април.

Поради сите случувања и неизвесноста со воениот конфликт, драстично им се зголемени трошоците, а работењето на фирмите е отежнато. Предупредуваат дека следи период во кој компаниите тешко ќе можат да ги задржат вработените.

„Има податоци дека во првите три месеци годинава во преработувачката индустрија 400 компании се затвориле. Лани за цела година бројката била 600, што значи дека годинава доаѓаат проблемите наследени од короната, судрени со оние од воениот конфликт. Така што, многу тешко ќе се стопанисува, многу тешко ќе се задржат работниците. Секое изгубено работно место е голем проблем тука, затоа што секаде се отвораат и затвораат компании едновремено, но кај нас малку се отвораат нови компании“, вели Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи.

Од здружението „Гласен текстилец“ пак тврдат дека случувањата и покачениот минималец не се причина за неисплата на плати. Овој проблем се провлекува со години и мора да се реши.

„Системот за исплата на плати со години не функционира и не се почитува законскиот рок за нивна исплата. Тоа не е дека покачената минимална плата го прави тоа. Ова е проблем кој се случува со години. На крајот по неисплаќање на платите и по неколку месеци, како што имаме случаи, само работникот останува оштетен и може да ги бара во судска постапка, но не секогаш ефикасна, ако фирмата е блокирана и се затвора“, вели Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.

„Имаме збунета влада којашто носи политики од денес за утре. Законот за минимална плата којшто оди преку системот УЈП не е исправен. Поминуваат плати од 2 денари, 100 денари и под минималец“, додава Ампева.




Спонзорирани линкови

Маркетинг