МТСП и СОНК сè поблиску до конечното решение - најавуваат договор до крајот на неделата

Точка

17/05/2022

16:42

2.111

Големина на фонт

а а а

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска изјави дека ги приближуваат ставовите со Синдикатот за образование наука и култура (СОНК) и дека дијалогот ќе продолжи неделава. Очекува дека до четврток или петок веќе може да има договор.

„Имавме конструктивна дискусија со претставниците на СОНК. Социјалниот дијалог продолжува. Блиску сме до конечно решение. Всушност денеска разговаравме за повеќе понудени предлог решенија и од МТСП и од страна на СОНК и дојдовме до приближување на ставовите кон она што значи решавање на спорот. Во текот на неделата продолжуваме повторно со дијалогот. Се надевам дека до крајот на неделава ќе имаме потпишано спогодби и конечно решение во однос на одлуката на штрајк во предучилишните установи“, вели Тренчевска по денешната средба со претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Првиот човек на СОНК предупреди дека може да има последици доколку не се изнајде заедничко прифатливо решение, но воено потврди дека преговорите се движат во добар правец.


„Има добра волја од двете страни да се надмине ситуацијата, продолжува и дијалогот со МОН. Она што е договорено со работните групи од двете министерства e дека колективните договори ќе бидат пропишани во соодветна рамка“, нагласи претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура Неделков.

Претходната средба на синдикалците со МОН беше во петокот, кога се преговараше за колективните договори во основно и средно образование, а со МТСП средба имаа во четвртокот кога двете страни разговараа за формирање работна група за нов колективен договор за предучилишните установи, зашто важноста на актуелниот истекува со јуни.




Спонзорирани линкови

Маркетинг