Мрежа од 120.000 бункери поврзани со тунели: Финска и Шведска со години се подготвуваат за евентуални напади

Точка

16/05/2022

22:48

10.019

Големина на фонт

а а а

По Студената војна подземните мрежи бункери низ Европа се занемарени и почнале да пропаѓаат, но не и во Скандинавија каде се градат нови.

Студената војна заврши и европските бункерите веќе не ги сметале за приоритети. Ја исклучивме можноста од нуклеарен напад и се опуштивме. Тогаш во 2014-та година Русија влезе во Крим и тоа за нас беше повик за будење. Сфативме дека бевме наивни, рекол во 2018-та година портпаролот на шведската цивилна служба, Уве Брунстром.

Шведска од 2014-та година забрзано работела на подготовка и модернизација на својата мрежа од подземни бункери.

Според проценките на надлежните служби, во оваа скандинавска земја моментално постојат меѓу 65.000 и 70.000 бункери подготвени да прифатат речиси 80 проценти од шведската популација (околу 10 милиони). Истата ситуација е и во Финска, која има мрежа од околу 55.000 подземни бункери кои имаат доволно капацитет да го примат целото население (5,5 милиони).

Двете земји овие денови соопштиле дека ќе пристапат кон НАТО сојузот, и покрај предупредувањата од Русија да не го прават тоа. Иако рускиот претседател рекол дека на овие земји не им се заканува никаква опасност, Скандинавците мислат дека закана сепак постои.

Додека има мир, бункерите се користат како кино-сали, клубови, цркви, музеи, спортски терени. Кога владата издава наредба, во рок од 72 часа може да се претворат во бункери, пишува "24sata".

Одлучна навреме да го подготви и едуцира населението, Шведска уште во 2018-та година на домашните адреси на своите граѓани им пратила памфлети на 20 страници во кои ги советува како да постапат во случај на војна, како да подготвуваат храна, да разликуваат лажни вести од вистински...

Памфлетите „Ако дојде до криза или војна“ се замислени како дополнителна едукација на нашите граѓани. Шведска е побезбедна од многу други држави, но секогаш постои можност за закана и затоа мораме да реагираме. Ако сте подготвени, тогаш е полесно да делувате, објаснил тогаш за "Guardian" портпаролот на шведската влада.

„Цивилната одбрана и заштита во нашата култура е работа на солидарност“, рекла Росана Фарбоел, професорка специјализирана за Студената војна на данскиот универзитет во Архус.

„Имаме долга традиција на подготовка и подготвеност...Секогаш треба да бидеш подготвен и да имаш решение“, рекол за "ABC News" Чарли Салониус-Пастернак, истражувач од Институтот за меѓународни односи во Хелсинки.

Шведската влада развила и апликација на која може да се види каде е најблиското засолниште.

Освен модернизацијата на старите, властите градат и нови бункери бидејќи тоа од нив го бараат граѓаните на кои не им се допаѓа идејата 20 до 30 проценти од населението да нема пристап до засолниште.

Од друга страна, Финците се подготвени, колку што една држава би можела да биде подготвена за нуклеарна војна...Хелсинки така ја носи неофицијалната титула "најбезбеден град на светот".

Под финската метропола се наоѓаат дури 5.500 подземни бункери и засолништа поврзани со низа тунели долги 330 километри. Во нив има место за секој од 660.000 жители на Хелсинки, плус уште 100.000 луѓе, проценуваат властите.

Во главните градски бункери во секој момент има доволно храна и вода за 14 дена, многу од тунелите се поврзани со продавници, ланецот на снабдување е обезбеден и според градските власти таму може да се живее со месеци.

Пораката на овие бункери е дека Финска ќе преживее. Подготвени сме на се, порачуваат од финската цивилна служба.




Спонзорирани линкови

Маркетинг