Сојузниците ѝ го вртат грбот на Америка: „Со такви пријатели на кого му се потребни непријатели?“

Точка

06/05/2022

19:38

21.450

Големина на фонт

а а а

Американските напади да ги осуетат плановите на Путин активно ги поткопуваат наводните американски сојузници во Персискиот залив, пишува аналитичарот Џош Рогин за „Washington Post“.

Диктаторите кои управуваат со овие нафтени држави грабат огромен профит од продажбата на нафта додека неверојатно високите цени ја полнат касата на Путин и штетат н американската и европската економија.

Со такви пријатели, на кого воопшто му се потребни непријатели? Зошто администрацијата на Бајден игра како што тие свират?

И додека Путин ја користи нафтата за да го уценува и казнува Западот што и помага на Украина, вистинскиот владетел на Саудиска Арабија, престолонаследникот Мохамед бил Салман и престолонаследникот на ОАЕ Мохамед бин Зајед ал-Најхан одбиваат да ја направат единствената работа која е во нивна моќ и која би помогнала – да произведуваат повеќе нафта. Во меѓувреме, Мохамед бин Салман ја користи украинската криза да изврши притисок на администрацијата на Бајден да го одбие неговото предизборно ветување дека ќе ги ресетира американско-саудиските односи.

Минатонеделната тајна посета на директорот на ЦИА Вилијам Џеј Бернс на Саудиска Арабија, која била откриена оваа недела, е само последниот во низата примери во кои администрацијата на Бајден го моли Салман да ја затвори славината. Ова го поставува очигледното прашање: кого заливските владетели сметаат за вистински сојузник – САД или Русија?


„Саудиска Арабија и ОАЕ денеска се сојузници на Русија во Персискиот залив и всушност ги перат руските пари и категорички и намерно одбиваат да го зголемат производството на нафта“, рекол пратеникот на Демократската партија Том Малиновски на форум минатата недела. „Ова е момент кога земјите треба да одлучат на чија страна се“.

Дури и пред почетокот на украинската војна, администрацијата на Бајден почнала да се откажува од предизборните ветувања дека ќе заземе поцврст став кон Саудијците, обновувајќи ја трговијата со оружје и праќајќи свои високи службеници на состанок со бин Салман, човекот кој според ЦИА, го нарачал атентатот на новинарот Џамал Кашоги во 2018-та година. Но, украинската криза на Мохамед бин Салман му дала златна можност.

Салман со задоволство разговара со Путин. Но и саудискиот владетел и неговиот емиратски колега одбиле да го прифатат повикот на Бајден во март, иако двете земји уживаат американска заштита. Мохамед бин Салман чека Бајден да се состане со него во Ријад – или да го повика во Белата куќа. Бајден се спротивставува бидејќи знае дека такво нешто би било јавно понижување откако ветил дека ќе се дистанцира од саудискиот режим.

Во меѓувреме, Мохамед бин Салман јавно го заведува републиканците. На зетот на Трамп, Џеред Кушнер, му дал две милијарди долари преку приватен инвестициски фонд без транспарентност – што се пари кои Трамп би можел да ги искористи во борбата против Бајден во 2024-та година.


Тимот на Бајден се однесува како произведувачите на нафта од Заливот да имаат предност. Но, тоа е точно само ако САД не успеат да сфатат кој навистина има моќ во овој однос.

„Лостот е на американска страна. Но одбиваат да го користат“, рекол Али Ал-Ахмед, основач и директор на Заливскиот институт. „Тие не се подготвени да го променат тој однос, па сега го контролира Мохамед бин Салман“.

Апологетите на заливските држави нудат познат аргумент. Велат дека Саудиска Арабија и ОАЕ претставуваат стабилност и реформи во регионот на кој му се закануваат тероризам и Иран. Велат дека САД не можат да вршат поголем притисок на тие режими бидејќи тоа само би ги турнало во рацете на Русија и Кина.

Но дали некој навистина верува дека политиката на Мохамед Бин Салман го стабилизира регионот? Дали диктаторот кој учествува во брутални судири во својата земја и во војната во Јемен навистина може да се нарече реформатор? Дали Саудиска Арабија навистина сака да купи руски оружје и својата безбедност да ја стави во рацете на Кинезите? Доколку да, среќно со тоа!

Некои се сомневаат дека би дошло до поцврст пристап на Мохамед бин Салман, но таа идеја, иронично, се покажала како погрешна токму во времето на мандатот на Трамп. Во 2020-та година, кога Саудијците намерно ја срушија цената на нафтата, Трамп се закани дека ќе ги повлече американските трупи од Саудиска Арабија – и Мохамед бин Салман попуштил.


Иако Трамп, генерално гледано, бил премногу послушен кон Саудиска Арабија, знаел дека Мохамед бин Салман е насилник, а на насилниците треба да им се покаже сила, а не слабост.

Новиот, де факто сојуз меѓу Путин, Мохамед бин Салман и Мохамед бин Зајед е совршено разбирлив: сите тројца ширењето на слободата, демократијата и човековите права го гледаат како егзистенцијална закана за своето владеење.

Но, вкупната рационализација на американското партнерство со овие земји на Заливот се заснова на нивната улога на важни играчи во одржувањето на енергетската стабилност. Ако тие не ја обезбедат таа стабилност, што точно добиваме за возраст за нашите инвестиции?

Бранителите на Мохамед бин Салман често истакнуваат дека неговиот 86-годишен татко нема долго да живее – што значи дека неговиот син веројатно ќе владее со Саудиска Арабија со децении, му се допаѓало тоа на некого или не. Меѓутоа, во реалноста тоа е најдобриот аргумент за цврст став кон него. Ако Саудиска Арабија сака и натаму да биде сојузник на САД, треба така и да се однесува.