Oд Германија и Австрија стигна потврда дека се преговара околу плаќањето на рускиот гас во рубљи

Макфакс

28/04/2022

13:29

2.024

Големина на фонт

а а а

Две водечки европски енергетски компании потврдија дека преговараат со рускиот државен енергетски гигант „Гаспром“ за начинот на плаќање на рускиот гас, додека во исто време тврдат дека сакаат да дејствуваат во согласност со санкциите на ЕУ, но и новите руски правила кои бараат од западните земји за гас да плаќаат во рубљи.

„Сметаме дека е можна конверзија на плаќањата во согласност со законот за санкции и руската одредба. ‘Унипер’ ќе продолжи да плаќа во евра oдносно е во разговори со својот договорен партнер (‘Гаспром’) за конкретни модалитети во плаќањето и тоа го прави во блиска координација со германската влада“, соопштија од германската компанија „Унипер“.

Слична порака испрати и австриската ОМВ: „Го анализиравме барањето на ‘Гаспром’ за начинот на плаќање во светлина на санкциите од ЕУ и сега работиме на решение кое е во согласност со санкциите“.

Ваквиот развој на настаните следува откако Русија ги прекина испораките на гас за Полска и Бугарија, со што драматично ескалираше нејзиниот одговор на санкциите што Западот ги воведе кон земјата поради инвазијата на Украина.

Претходно денеска, британскиот весник „Фајненшл Тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата, напиша дека големите дистрибутери на гас во Германија, Австрија, Унгарија и Словачка планираат да отворат сметки во рубљи кај „Гаспромбанк“ во Швајцарија за да го задоволат барањето на Русија за плаќање на гасот во таа валута.



Спонзорирани линкови

Маркетинг