Сидникатите најавија масовен протест на 1 Мај за зголемување на платите за работниците

Макфакс

13/04/2022

12:10

1.545

Големина на фонт

а а а

Сојузот на синдикатите на Македонија повика на масовен синдикален протест што ќе се одржи на 1 Мај во 12.30 часот.

Оттука истакнаа дека целта на протестот е да се изрази револтот кај работниците од незголемување на останатите плати со порастот на минималната плата.

Главното барање е најмалку 2.806 денари нето-износ линеарно зголемување на сите плати во приватниот и во јавниот сектор од 1 мај 2022 година, вклучително од општиот работник до претседателот на Државата.

Од Сојузот ја истакнаа потребата од похрабри, поинтензивни и побрзи реакции за надминување на проблемите, за зголемување на платите за 2.806 денари во нето износ на сите вработени во приватниот и јавниот сектор како и за креирање на нови визии и перспективи.

„Ја повикуваме Владата на поголема продуктивност и решителност во делувањето за зголемување на платите на работниците. Ги повикуваме сите работници, братските синдикати ( Конфедерации, Унии и Сојузи ) кои ги препознаваат нашите вредности и заложби за зголемување на платите да се приклучат во борбата заедно со семејството на ССМ, и заедно како семејство на рамноправни членови, синдикати, работници и граѓани, кои не сакаат само да критикуваат туку сакаат дирекно да се вклучат и на 1ви Мај 2022 година да излезат на голем синдикален протест на кој ќе кажеме гласно дека зголемувањето на платите на работниците мора да се случи веднаш“, велат од Сојузот.

Протестот ќе почне пред зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија во Скопје, а учесниците ќе се движат од зградата кон Собранието, а потоа ќе продолжи кон седиштето на Организацијата на работодавачи на Македонија и Стопанска комора на Македонија и ќе заврши пред Владата каде што ќе бидат упатени барањата на работниците.