Украинските медиуми пренесуваат дека жена во Киев соборила непријателски дрон со - зимница.
Приказната се прошири пред неколку дена на социјалните мрежи, но многумина сметаа дека станува збор за лажна вест.
Но, украинскиот портал „LIGA.Life“ пишува дека успеале да стапат во контакт со храбрата жителка на Киев која тврди дека со тегла закиселени домати соборила руски дрон.
Ситуацијата настанала едно утро кога таа седела на својот балкон и пушела цигарa.
„Видов дека нешто полека се движи. Најпрвин помислив дека е повредена врана, но потоа слушнав зуење“, раскажала Олена која никогаш претходно не видела дрон одблизу.
Помислила да влезе во станот и да најде некое посоодветно „оружје“, но сфатила дека дронот ќе ѝ побегне. До неа на терасата имала тегла со закиселени домати кои ги подготвувала за зимница.
„Веројатно ја фрлив теглата од страв. Се исплашив. Размислував што ако почнат да пукаат кон мене! Но, каква штета за тие домати…“, ѝ рекла Олена на новинарката.
Дронот паднал на земја пред куќата, а таа и нејзиниот сопруг побрзале да ги изгазат и уништат остатоците. Иако на социјалните мрежи се проширија фотографии од наводна тегла со кисели краставички со тврдење дека тоа било „оружјето“ на Олена, таа категорично демантира.
„Не знам од каде тие приказни за краставици, тоа беа домати. А не постојат снимки, не снимав, не беше време за снимање“, вели оваа жена која е убедена дека беспилотните летала ги праќаат разбојници кои бараат празни станови.
Подоцна разговарала со нејзиниот поранешен сопруг кој ѝ рекол дека и тој забележал дрон во близина на својата зграда.
„Го прашав што направил, а тој рече дека само ги повлекол завесите. Му реков дека е паметен“, се пошегувала Украинката.
Олена е родена во Лавов, но како што вели, Киев е нејзиниот роден град каде што живее со години.
„Не одам никаде од Киев. Тоа веднаш го решив. Ова е мојот дом, мојата земја. Ќе стојам, ќе гризам, ќе се борам. Сè што е потребно“, заклучила таа.