Премиерот Димитар Ковачевски вечерва уште еднаш информираше дека во земјава има непречено снабдување со гориво.
„Ние се снабдуваме со гориво преку Грција и таков проблем не постои. Тоа што се случи вчера беше направено од неколку помали продавачи на нафтени деривати коишто ги ограничија количините од шпекулативни причини“, информира Ковачевски.
Премиерот напомена и дека стоковите резерви со жито се на ниво.
„Имаше шпекулација за снабдување со пченица и брашно. Во моментов не ги ни користиме резервите. Тоа што беше предмет на јавна дискусија е дел од редовното работење на приватната мелничарска индустрија односно увоз на пченица од Србија и имаме размена со различни држави. Нивото на производство на пченица е зголемено во однос на 2017 година“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање.
Во однос на економските движења, тој напомена дека светот, посебно Европа, се наоѓаат во една од најголемите кризи, односно најголемата досега, а тоа, како што рече, го покажуваат движењата на сите берзи на стоки, но и движењата на другите берзи.
„Владата е посветена на одржување на економскиот стабилен систем, на стабилна фискална политика, тоа го потврдуваме и денес, преку исполнување на уште едно ветување во однос на воведување на нова методологија на пензии и воведување на тримесечно по илјада денари финансиска помош за пензионери, токму заради оваа голема економска криза во која се наоѓа Европа, вклучитлено и нашата држава“, додаде премиерот.