„Ќе те убиеме ако не ги осудиш Зоран и Вице Заеви“: После Јовески, и Русковска откри дека добила заканувачки писма

Точка

27/01/2022

14:37

5.736

Големина на фонт

а а а

Откако републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески обелодени дека преку писма добил закани по својот живот од терористичка организација, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, откри дека пред еден месец и таа добила две писма со закани по живот.

Русковска, за разлика Јовески, кој преку соопштение до сите медиуми откри дека терористичка организација му се заканувала дека ќе го убие ако не го повлече обвинението за двајца новинари од телевизија Алфа, информацијата дека и таа добивала закани ја сподели само на Дојче Веле.

„Писмата пристигнаа околу 23-24 декември минатата година. Заканите беа во смисла дека невини и угледни граѓани се во затвор, а ‘криминалците Зоран и Вице Заеви’ биле на слобода. Ако веднаш не ги осудам ќе бидам убиена. Двете писма беа во таа смисла“, вели Русковска за „Дојче веле“.

Случајот го пријавила веднаш во Министерството за внатрешни работи, по што добила дополнително обезбедување, согласно законот. Таа се уште чека информации од полицијата дали е откриено кој стои зад заканите.

Утрово објавивме дека во текот на вчерашниот ден, преку препорачана пратка експедирана од Пошта Битола на 17.1.2022 година во 10:26 часот, Јавниот обвинител Љубомир Јовески добил закана по неговиот живот.




Спонзорирани линкови

Маркетинг