Зеленски предлага заеднички состанок со Путин и Бајден

Макфакс

14/01/2022

17:34

2.516

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, предлaга средба со претседателот на САД, Џо Бајден, и рускиот претседател Владимир Путин, со цел да се разговара за растечките тензии за Украина.

Предлогот на Зеленски беше претставен денеска од шефот на неговиот кабинет Андриј Јермак.

Оваа недела немаше напредок во преговорите меѓу Русија и западните земји, кои стравуваат дека Москва би можела да почне нова воена офанзива против Украина.

Предлогот на Зеленски доаѓа на денот кога повеќе владини веб-страници во Украина беа погодени од масовен кибер-напад.


Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи за „Ројтерс“ изјави дека е премногу рано да се шпекулира кој би можел да стои зад нападот, но посочи дека Русија стоела зад слични напади во минатото.

„Прерано е да се извлечат заклучоци, но има долга евиденција за руски (кибер) напади врз Украина во минатото“, рече тој.

Русија претходно негира дека стои зад кибер-нападот врз Украина.

На преговорите оваа недела Вашингтон и неговите сојузници одлучно го отфрлија барањето на Москва за безбедносни гаранции со цел да се спречи проширувањето на НАТО, но Русија и Западот се согласија да ја остават вратата отворена за можни понатамошни разговори за контрола на оружјето и мерки за градење доверба.

Преговорите се водат во момент кога речиси 100.000 руски војници со тенкови и друго тешко оружје се собрани во близина на источната граница на Украина.



Спонзорирани линкови

Маркетинг