Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва информира дека нема докази дека Кастриот Реџепи бил киднапиран или дека му бил даден текст за да го прочита во објавеното видео на Фејсбук, на денот кога требаше да се гласа за недоверба на Владата.
„Доказ немам, но Кастриот Реџепи беше киднапиран“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски истакна дека пратеникот Кастриот Реџепи не само што го погазил сопствениот збор поради материјални придобивки, туку го погазил и зборот на политичката партија БЕСА која што за разлика од него на денот на гласање пристигна во Собранието на Република Македонија. Мицкоски додаде дека е крајно несериозно после 24 часа од исчезнувањето на Реџепи, тој да излезе со видео порака на која јасно се гледа дека не ги искажува своите ставови, туку чита нешто кое што му било дадено за да се појави пред јавноста.
„Кастриот Реџепи беше наместен пред бел зид и му беше даден спремен текст кој требаше да го прочита за да ја увери јавноста дека тој не бил спречен од власта и Заев да дојде на седницата на која требаше да се гласа доверба на Владата. Овој чин уште еднаш го потврди тоталитарниот режим кој владее во земјата и кој Заев сака да продолжи, но тоа нема да му го дозволиме. Инаку, вакви изјави се снимаат во земји како Боливија кога јасно се знае дека некој пратеник или политичар е уценет и киднапиран од одредена политичка структура. Згрозен сум од тоа што се случи тој ден”, вели Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека во Македонија не смеат да се случуваат вакви работи како во четвртокот, бидејќи ваквите појави во политиката само зборуваат за несериозноста на државата на патот кон ЕУ.
„Ова не се вредностите кои треба да ја красат Македонија и не се вредностите врз кои треба да се темели иднината на државата“, заврши Мицкоски.