Семејството Бајрам уверува дека во ГТЦ не се крадело струја, туку се сервисира комјутерска опрема за извоз

Нетпрес

17/11/2021

19:39

6.189

Големина на фонт

а а а

Професионален модератор во име на семејството Бајрам денеска одржа прес-конференција и изнесе повеќе детали за синоќешната акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) во подрумските простории на Градскиот трговски центар, каде што беше пронајдена опрема за „копање“ криптовалути.

Според модераторот Сеат Исмаил, во ГТЦ не се крадело струја.

– Компјутерската опрема во изнајмените простории во ГТЦ е согласно законот, увезена е во нашата земја и уредно е платена царина. Изнајмениот подрумски простор се користи како магацински простор каде што се врши сервисирање на компјутерската опрема, а потоа сервисираната опрема се подготвува за извоз – изјави Исмаил.

Полицијата, пак, која вчера влезе во подрумските простории на браќата Бајрам во ГТЦ, преку соопштение информираше дека за броилата, кои се во приватна сопственост, не е утврдена кражба на електрична енергија. Истовремено во полициското соопштение не се наведува дали при проверката е најдена компјутерска опрема за „копање“ криптовалути.

„Не постојат елементи за сторено кривично дело, бидејќи копањето на криптовалути не претставува кривично дело предвидено во Кривичниот законик“, се вели во соопштението на МВР.

Денеска се огласи и ЕВН од каде што инфромираат дека тие носат струја до главната трафостаница на ГТЦ, а самиот ГТЦ потоа ја распределува електричната енергија до сопствениците и до закупците на деловен и магацински простор.

„Тоа значи дека делот на мрежата која е во сопственост на ЕВН, уредно ја регистрира и ја фактурира потрошувачката на ГТЦ. Останатиот дел од мрежата, односно внатрешната инсталација, не е во сопственост и надлежност на ЕВН“, наведено е во одговорот од ЕВН.

Директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, денеска не беше достапен да одговори како се врши распределбата и фактурирањето на трошоците на потрошената струја во целиот објект.



Спонзорирани линкови

Маркетинг