„Закерберг има контола на над 3 милијарди луѓе“: Поранешна службеничка во Фејсбук објави компромитирачки документи за компанијата

Точка

26/10/2021

21:05

33.437

Големина на фонт

а а а

Марк Закерберг има „едноставна контрола на над три милијарди луѓе“ поради својата позиција на врвот на компанијата Фејсбук, изјавила Френсис Хауген пред британските пратеници и повикала на итна надворешна регулатива за да се уреди управувањето на оваа компанија и да се намали социјалната штета.

Хауген, поранешна службеничка во Фејсбук која објавила 10-на илјади компромитирачки документи за внатрешната функционалност на компанијата, допатувала во Лондон на парламентарно сослушување и во таа прилика дала квалификувана поддршка на предлозите на британската Влада да го регулира функционирањето на социјалните медиуми и да преземат поголема одговорност за содржините кои се објавуваат на нивните страници, пренесува лондонскиот дневник „Гардијан“.


„Интерната култура на компанијата Фејсбук дава приоритет на профитабилноста од штетното влијание кое платформата го шири“, предупредила Хауген.

„Додека не се воспостави противтежа, вакви работи ќе се прават исклучиво во интерес на акционерите, а не во јавен интерес“, истакнала таа и предупредила дека Инстаграм кој е во сопственост на Фејсбук, користи милиони деца ширум светот и можеби никогаш нема да биде безбеден за тинејџерите.

Во екот на загриженоста на влијанието на Инстаграм на менталното здравје и опседнатоста со телесниот изглед меѓу тинејџерите, Хауген вели дека во истражувањата на компанијата младите корисници на апликацијата биле споредени со „зависници кои се чувствуваат неспособни да се откажат од услугата која ги прави несреќни“.


„Последно што гледаат навечер пред да си легнат е дали некој е груб кон нив. Прво што гледаат наутро кога ќе се разбудат е изјава на омраза, а тоа е многу лошо“, предупредила Хауген.

Таа открила и дека интерното истражување на компанијата покажало дека Инстаграм е поопасна апликација од останатите социјалните мрежи како што се ТикТок и СнепЧет поради тоа што платформата е фокусирана на јавно споредување на физичкото, телесното, начинот на живот, што е погубно за децата.




Спонзорирани линкови

Маркетинг