Прва земја во Европа која повторно воведува „локдаун“: На сила полициски час – премиерот им се извини на вакцинираните граѓани

Точка

20/10/2021

18:35

8.842

Големина на фонт

а а а

Владата најави целосно затворање од 21 октомври до 15 ноември, за да се обиде да го намали растот на бројот на новозаразени од коронавирусот во земјата.

Латвија најави едномесечно целосно затворање откако неочекувано бројот на новозаразени од коронавирусот во земјата расте, станувајќи првата земја во Европа која повторно воведува построги мерки.

Во исто време државите ширум континентот се борат со новиот бран на коронавирусот.

Балтичката земја има една од највисоките стапки на новозаразени од Ковид-19 по глава на жител на светот, според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, откако со месеци го држеше вирусот под контрола.

„Нашиот здравствен систем е во опасност. Единствениот излез од кризата е да се вакцинираме“, изјавил во понеделникот премиерот на Латвија Кришјанис Каринш.


Тој истакнал дека порастот на хоспитализираните е како последица на ниската стапка на вакцинирани луѓе, пренесува „Гардијан“.

Само 57 отсто од 1,9 милиони жители на Латвија ги примиле двете дози на вакцината, што е под просекот на ЕУ од 74 отсто.

Ноќниот полициски час ќе биде на сила од 20 часот до пет часот наутро, додека пак училиштата и неесенцијалните објекти ќе бидат затворени, а на луѓето ќе им бидат достапни само основните услуги.

„Морам да им се извинам на вакцинираните“, изјавил Каринш.

Минатата седмица претседателот на Латвија, Егилс Левитс, бил позитивен на коронавирусот, поради што претседателот ан Финска Саули Нинисте со кој се сретнал претходно морал да оди во самоизолација.

Инаку, на Латвија долго време се гледаше како на една од ретките земји во Европа која има успешна „корона-приказна“ која забележала помалку од 3.000 смртни случаи од Ковид-19 од почетокот на пандемијата.


Меѓутоа, критичарите велат дека отпорот и ниската стапка на вакцинација довела до нов пораст на бројот на инфицирани луѓе.

„Латвија е светски број еден по стапка на инфекции на коронавирусот“, изјавил министерот за здравство Данијелс Павлутс.

Илзе Винкеле, поранешниот министер за здравство кој ги надгледувал првите два брана на коронавирус во земјата изјавил дека одредени групи, особено постарите граѓани, одбиваат да се вакцинираат.

„Сега сме принудени да одиме во „локдаун“, а оние кои се вакцинирани ќе бидат фрустрирани поради тоа што цело време играа според правилата“, додал тој.

Латвија е првата земја во Европа која повторно воведува строго затворање додека новиот бран на коронавирусот се шири низ континентот, погодувајќи ги земјите со ниска стапка на вакцинација, особено оние во централна и источна Европа каде има големи скептици во врска со вакцинацијата.




Спонзорирани линкови

Маркетинг