Досега попишани над 1,7 милион граѓани, рокот истекува утревечер

Макфакс

29/09/2021

15:21

1.238

Големина на фонт

а а а

Според Државниот завод за статистика, до синоќа, до 20 часот, попишани се 1.768.710 граѓани, 548.694 домаќинства и 795.494 стана. Во однос на дијаспората, до изутрината се самопопишале 201.247 наши иселеници, информира портпаролот на Владата, Душко Арсовски.

„Апелираме до сите оние граѓани што од кои било причини досега не успеале да остварат контакт со попишувачите, но и до оние граѓани што во овие два дена нема да бидат дома, да ја остварат својата законска обврска на пунктовите за попишување во своите општини. Пописот е операција од витално значење за државата за да може да се прават стратегии за развој. Оттаму, учеството во пописот е можност за секој граѓанин сам да придонесе во креирање на сопствената и заедничката иднина“, рече тој.

На новинарско прашање за тоа дали ќе биде потребно дополнително време за пописот, Арсовски посочи дека на вчерашната владина седница не се разговарало за ова и дека сите капацитети се насочени кон тоа да биде завршена операцијата во законскиот рок, односно до утревечер.

„Секако, последниот збор ќе го има Државниот завод за статистика. Информациите од таму се дека на неполни два дена до завршувањето на теренското попишување на целата територија на државата се прават финални проверки за евентуално пропуштени граѓани и веќе се затвораат пописните кругови во Скопје, каде што има најголема концентрација на население, сите расположливи капацитети на попишувачите се на терен и ги посетуваат домаќинствата што досега не биле посетени. Оваа активност ќе се спроведува до самиот крај на пописот, тоа е утре, четврток, до 20 часот“, посочи Арсовски.