ДИК го заклучи избирачкиот список - 1.824.864 граѓани имаат право на глас на изборите

Точка

24/09/2021

21:23

1.515

Големина на фонт

а а а

Вкупниот број гласачи што ќе имаат право да гласаат на Локалните избори на 17 октомври 2021 година е 1.824.864.

Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) вечерва на 27-та седница едногласно ја усвоија одлуката за заклучување на Избирачкиот список, согласно член 52 од Изборниот законик и промените/ажурирање што произлегоа од јавниот увид во податоците на списокот.

Правото на својот глас на избори од странство ќе можат да го остварат 82.461 гласачи колку што се запишани во посебниот извод од гласачкиот список.

„Во посебните изводи од гласачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат на казна затвор или се во притвор се запишани 1.899 гласачи. Во посебните изводи од гласачкиот список за гласање на граѓаните кои за време на изборите се наоѓаат во установите за вонсемејно сместување се запишани 351 гласач. Во посебниот извод од избирачкиот список за лица кои согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика се водат како внатрешно раселени лица се запишано вкупно 6 гласачи“, соопшти потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху.

Таа и членот на ДИК Кренар Лога имаа издвоено мислење т.е. несогласување за Избирачкиот список што се однесува до општините Чучер-Сандево и Бутел и изјавија дека нема да ги потпишат изводите за овие две општини.

За утврдување на изгледот и содржината на гласачкото ливче што беше точка од дневниот ред, членовите на ДИК ќе одлучуваат на затворен дел од седницата затоа што, како што појасни членот Борис Кондарко, така се практикува во сите претходни избори.

„ДИК го определува изгледот и содржината на гласачкото ливче, притоа ДИК ги пропишува и соодветните заштити на ливчето, кои се видливи и невидливи, и поради заштита на интергритетот, тајноста и регуларноста на целокупниот изборен процес, овој дел од седницата е затворен за јавноста“, рече Кондарко.

На вечерашната седница беше усвоено барањето на Амбасадата на Албанија да им се издадат овластувања за пет предложени набљудувачи да го следат одржувањето на локалните избори.




Спонзорирани линкови

Маркетинг