Лара Иванова за Точка: „За да ја пренесам емоцијата, во главата размислувам како да сум ја доживеала приказната за која пеам“

Точка

21/09/2021

22:00

37.877

Големина на фонт

а а а

Има 17 години, а речиси и да нема човек во земјава што барем еднаш не го слушнал нејзиниот милозвучен глас.

Пишува: Цеце Николова
Фото: Тоши Трајчев

Лара Иванова за првпат ѝ се претстави на македонската јавност кога во 2019-та година се појави на „Макфест“ и нè остави без здив сите кои бевме во публиката, после маестралната изведба на баладата „Кој те учи така“, на Иле Спасев.

Минатата година повторно настапи со балада, насловена како „За нас“, а додека сите очекувавме овогодишната композиција да се искачи на високото прво место - Лара освои награда за најдобра вокална интерпретација на „Макфест“ 2021.


Душа“ е третата балада на Лара, која ја освои секоја 'душа' во публиката, и пред малите екрани.

„Прво ја направивме 'Душа', а потоа одлучивме дека треба да ја пријавиме на Макфест, бидејќи повторно можам да ги искажам моите вокални способности, а тоа можам да го направам токму овде, на Макфест. После 4 брзи песни, мислам дека баладава добро ќе дојде“, нѝ вели Лара.

Младата пејачка на сцената се појави во неодолива креација која потсетуваше на лебед, а почитувачите на нејзината музика се едногласни дека тоа е вистинската тоалета која ја отсликува нејзината 'Душа'.

„Многу сум задоволна од мојот настап, одлично се чувствував на сцената. Сè беше како што треба“, скромно вели пејачката.

За текстот на оваа песна е заслужен Робин Зимбаков, додека музиката и аранжманот се на веќе докажаниот продуцент, Иле Спасев. Ја прашавме Лара како успева да пренесе таква емоција, а притоа да не се пронаоѓа во текстот кој го пее.

„Песната не ја посветувам, не сум се пронашла јас во таа приказна. За да ја пренесам емоцијата, во главата размислувам како да сум јас таа којашто ја има доживеано таа приказна, за која Робин Зимбаков твори“, нѝ открива Иванова.

Многу познати музичари, артисти, беа дел од макфестовската сцена, а и во бекстејџот на „Макфест“. Лара вели дека најмногу ужива во дружењето со колегите.


„Многу ми е убаво кога колеги ќе ми дадат позитивен коментар, а токму тоа се случи на Макфест. По настапот, сите ми честитаа. Многу ми е мило што се поддржуваме едни со други. Всушност, овој дел од Макфест ми е најубав, каде што можеме сите да се дружиме и да си даваме комплименти едни на други“.

„Коментарот кој ми дава најмногу мотивација е - Девојче ќе успееш!“, вели Лара.

На самиот крај, ја прашавме за кого таа навиваше на 36-то издание на „Макфест“.

„Роберт Билбилов, Калина Велковска, Полина и Александра Јанева ќе ги издвојам како мои фаворити на овогодишниот Макфест“, заклучува Лара Иванова за Точка.




Спонзорирани линкови

Маркетинг