Заев: Модуларните болници се за да не се случи италијанското сценарио; Мицкоски: Тоа одамна е поминато и сега на ред е авганистанското

Точка

20/09/2021

19:46

3.880

Големина на фонт

а а а

Зоран Заев и Христијан Мицкоски вечерва во ТВ дуел на Канал 5 зборуваат за трагедијата во Тетово во која загинаа 14 лица.

Премиерот повтори дека ни се случи страшна трагедија и огромна загуба. Оставките се поднесени од морални причини, но тој повтори дека сака да ги знае деталите од истрагата која ја водат нашите обвинители заедно со истражителите до Германија.

„Ќе ги почекам деталите во истрагата, па ќе донесам одлука за оставките. Сите жалиме исто. Не може некој помалку да жали, а некој повеќе, само јас имам поголема одговорност бидејќи сум претседател на Влада. Важно е да не се злоупотребува оваа трагедија за политички цели. За трагедијата ќе одговараме на сите можни прашања се додека сме живи. Модуларните болници ги направивме за да не ни се случи италијанското сценарио и да не ни седат луѓето надвор во своите автомобили и по ходниците. Затоа беа овие болници“, вели Заев.

Мицкоски на ова реплицираше дека ВМРО-ДПМНЕ брза со оставката на Филипче за да спасат човечки животи и дека поради неспособноста на надлежните се случила таа трагедија.

„Ако седнете и разговарате со роднините на луѓето кои ги загубија своите најблиски, ќе го видите сиот гнев и револт. Тие во болница заминаа за здравје, а ги вратија во друга состојба. Не само што не треба да размислува, туку веднаш треба да ги прифати овие оставки. Претпоставувам ги слушавте криците кои доаѓаа од внатре од модуларната болница на видеата кои што беа објавени. Вие одамна го поминавте италијанското сценарио, ние сега се ближиме кон авганистанското сценарио. Дали сите модуларни болници се поставени на ист начин како онаа во Тетово и дали еднаш ќе признаете вина дека извршивте геноцид на сопствениот народ“, праша Мицкоски.

Заев му возврати дека „толку да бидете политички ориентиран за пуста желба за власт, да ја злоупотребите оваа трагедија ви личи само на вас“.

„Желбата за власт да го правите она што вие го правите, ви личи само на вас. Дадено е решение за самиот објект. Секаде е завршено како што треба и да не заборавиме дека имавме по 750 пациенти во тие болници кои спасија човечки животи. Ви заврши времето да бидете истражител, судија, обвинител“, рече Заев.

„Тоа задоволство ви го препуштам само на вас“, му возврати Мицкоски.




Спонзорирани линкови

Маркетинг