Калина Велковска за Точка: „Вечерва на финалето на Макфест одиме дрско докрај“

Точка

18/09/2021

17:30

215.726

Големина на фонт

а а а

„4“ - музичка нумера која без двоумење треба да стане дел од вашата омилена плеј листа.

Пишува: Цеце Николова
Фото: Тоши Трајчев

Многу емоција, неверојатна енергија, сексапил и брутално добар вокал, спакувани во една песна.

Калина Велковска Кали е една од 5-те изведувачи од првата полуфинална вечер кои се пласираа во финалето на „Макфест“ 2021. Калина вчеравечер прва настапи со композицијата насловена со бројот 4.

Песна која ја освои публиката и стручното жири и заслужено ќе биде дел од трката за 3-те највисоко пласирани места на овогодишниот „Макфест“.


Калина Велковска и Сара Мејс се долгогодишни пријателки, а јавноста е сведок на нивни многу досегашни соработки. Сепак, музичкиот проект „4“ е некоја друга димензија. Барем, ако се прашуваат слушателите, или во случајов, публиката на „Макфест“.

После многу успешни настапи во и надвор од земјава, ја прашавме Калина од каде идејата да настапи дома, на најстариот музички фестивал на забавни мелодии -  „Макфест“.

„Сара Мејс е моја долгогодишна соработничка, истомисленичка, пријателка, жена-магија. Ми се јави со непристоен предлог кој не можев да го одбијам. И така си стигнавме тука на Макфест“, вели Калина за Точка.

Велковска во песната пее за Петар - 'четири зими со тебе изминати', се дел од стиховите во рефренот.


„Песната има специфична историја. Најважно од сè е дека таа емоција којашто сакавме да ја пренесеме и јас и Сара - таа како композитор, јас како изведувач е она кое што ги збунува луѓето. На самиот почеток звучи баш како Сара да ја интерпретира, ама тоа е една магија која што сакавме да ја пренесеме бидејќи се работи за приказна која што двете ја раскажуваме“, открива финалистката на  „Макфест“.

Многу настапи надвор од нашите граници се дел од нејзиното музичко 'CV', па, Калина нѝ открива како е да се настапува дома, дали тоа со себе носи поголема одговорност и какво е воопшто чувството пред македонска публика.

„Дома е секогаш најтешко да настапуваш. Дури не сум ги ни размислувала настапите надвор од земјава. Така ноншалантно секогаш сум излегувала на сцена. Овде е секогаш потешко, затоа што секој бидува каменуван во сопственото село“, искрена е Кали.

На социјалните мрежи не престануваат коментарите по објавувањето на нејзината макфестовска песна, а еве што вели пејачката за тоа:

„Дури не ми се верува колку се позитивни коментарите. Се обидувам да сфатам дали се реални или се од чиста куртоазија“.

Не ми е најважно да победам, ниту толку ми е важно тоа што влегов во финале, вели Калина, друга е желбата на музичарите кога се натпревари во прашање.

„Кога се работи за музички натпревар, немам некои поголеми аспирации. Како музичар, изведувач, најголемата желба е да може таа песна да биде видена, слушната од што поголем број на уши. Ако е добра, нека ја слушаат луѓето, нека уживаат, нека си ја прераскажат со сопствена имагинација и нека ја запаметат, нема ништо повеќе што би сакала од тоа“.

„Вечерва на финалето на Макфест одиме дрско докрај“, заклучува пејачката за Точка.

Не заборавајте, финалната вечер на  „Макфест“ може да ја следите на МРТВ со почеток од 20:30 часот.




Спонзорирани линкови

Маркетинг