Трансферот на Кристијано Роналдо во Манчестер Јунајтед и понатаму е топ тема во фудбалскиот свет особено меѓу фановите на премиерлигашот без разлика дали тоа се обични луѓе или некои поранешни асови чие име со големи букви е запишано во историјата.
Питер Шмајхел е име кое остави трага на „Олд Трафорд“, па неговиот збор има посебна тежина кога е во прашање Јунајтед. Данецот е воодушевен што Роналдо се врати дома и според него клубот ќе мора да гради тим околу Португалецот без разлика на тоа што тој има 36 години.
- Го видовте неодамна, тој и понатаму е брз како молња. За мене тој е толку добар дури и на 36 -годишна возраст што треба да изградите нешто околу него и да не се обидувате само да го сместите во сегашниот тим. Мислам дека како навивач на Манчестер Јунајтед бев многу, многу задоволен кога потпишавме со Бруно [Фернандеш]. Тој беше одличен и Бруно е играч од светска класа, но ова е сосема поинакво. Ова е она на што се надевавме многу долго време.
- Клубот излегува на пазарот и ги потпишува само најдобрите играчи во светот. Мислам дека ова е најдобриот преоден рок откако Сер Алекс [Фергусон] го напушти клубот. Тука потпишуваме играчи од врвна класа, - рече Питер за „Би-Би-Си Спорт“.