Од регион со спорадични случаи на коронавирус, за само еден месец Тетово е во фаза на широко распространета трансмисија на вирусот, а поради ваквата состојба се очекува уште поголем раст на бројот на ново заболени, оценуваат од епидимиолошката служба при тетовскиот Центар за јавно здравје.
„На 6 јули имаше вкупно 6 случаи на домашно лекување, а сега во градот Тетово имаме околу 220 случаи на домашно лекување. Имаме по 30, 40 и вчера дури 60 позитивни случаи што се должи на непочитување на мерките и протоколи, а инфицираните ни се од семејни прослави, настани и нивни контакти“, објаснува епидемиологот д-р Сузана Субашиќ, раководител на епидемиолошката служба, пренесува „Слободен печат“.
Според епидемиолозите, ако населението не се вакцинира и ако не ги почитува мерките, препораките и протоколите, состојбата може уште повеќе да се влошува.

„Генерално новите случаи не се вакцинирани. Ако имаме од овие 220 лица на домашно лекување само 10-тина вакцинирани. Дали асимптоматски или симптоматски се невакцинирани. Високата бројка во градот Тетово се должи како резултат на тоа што ние имаме многу лица дојдени од западните земји кои после престојот во државата се тестираат за да можат да заминат во земјите каде што работат. Голем дел од нив се млади лица и се асимптоматски, но сепак инфицирани со Ковид-19“, објаснува д-р Субашиќ.
Таа апелира да се вакцинираат луѓето, но и понатаму да ги почитуваат мерките за спречување на ширење на коронавирусот.
„Апел да се вакцинира и да се почитуваат мерки и протоколи кои се во важност, вирусот не е победен и е приустен. Болеста не е победена и пандемијата не е завршена, овде се работи за непочитување на мерки и протоколи и немање индивидуална одговорност. И вакцинираните треба да ги почитуваат мерките. Има лица кои по втор пат биле болни. Седум-осум случаи на цели семејства имаме со примери“, додава епидемиологот.
Во Клиничка болница денеска веќе има 32 лица на болничко лекување, што значи 6 повеќе од вчерашните 26.










