Една година од страшната експлозија во Бејрут: Семејствата на жртвите и натаму бараат правда и одговори

Точка

04/08/2021

14:50

1.890

Големина на фонт

а а а

Денеска минува една година од големата експлозија на пристаништето во Бејрут, а семејствата на жртвите и натаму бараат правда и повикуваат на одговорност за трагичниот инцидент во кој животот го загубиле повеќе од 190 луѓе, повредени биле околу 6.000, а раселени 300.000.

Либан прогласил национален Ден на жалост во сеќавање на првата годишнина од катастрофата. Продавниците, банките и претпријатијата денеска нема да работат, а владините згради ги спуштиле своите знамиња на половина копје.

Семејствата на жртвите планираат марш до пристаништето, каде мисата би требало да започне точно во времето на минатогодишната експлозија, во 18:07 по локално време.

Семејствата на жртвите во понеделникот се заканиле со интензивирање на протестот бидејќи истрагата за експлозијата напредува бавно. Исто така го повикале парламентот да го укине имунитетот за пратениците и за либанските безбедносни службеници кои се обвинети за невнимание.

Една година без одговори

Една година од катастрофалната експлозија не е разјаснето кој ја донел и непрописно ја складирал големата количина на амониум-нитрат во складиштето на бејрутското пристаниште.

"Вистината ќе излезе на виделина и секој виновник ќе ја добие својата казна", рекол либанскиот претседател Мишел Аун во телевиско обраќање доцна во вторникот.

Организацијата за човекови права "Human Rights Watch" во соопштение истакнала дека домашната истрага за експлозијата не ги задоволила меѓународните стандарди. HRW го повикал Советот за човекови права при ОН да усвои резолуција за основање на меѓународна и независна истрага за масовната експлозија во Бејрут.

Во меѓувреме се огласил и германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.

"Една година од експлозијата во Бејрут, распонот на уништување и натаму е поразителен, а позадината на оваа катастрофа останува нејасна", рекол тој.

Мас предупредил дека "се уште нема напредок ни во формирањето на владата ни во спроведувањето на итно потребните реформи".




Спонзорирани линкови

Маркетинг