Планот на британскиот премиер Борис Џонсон во понеделник да ги укине практично сите мерки во Англија претставува закана за целиот свет, тврдат 1.200 светски научници.
Планот исто така создава плодно тло за појава на соеви на коронавирусот отпорни на вакцини, велат научниците.
Во писмото упатено до угледното медицинско списание "The Lancet", кое го потпишале 1.200 научници, вклучувајќи и владини советници од Нов Зеланд, Израел и Италија, се наведува дека положбата на Британија како клучна за глобалниот сообраќај би значела дека секоја нова варијанта на коронавирусот од таа земја би можела брзо да се прошири на остатокот од светот.
Научниците, според "Guardian" се многу загрижени за планот на Џонсон.

Писмото е пратено откако е одржан итен состанок на научници и лекари кои се занимаваат со пандемијата на коронавирусот.
Мајкл Бејкер, професор по јавно здравје на Универзитеот Отаг на Нов Зеланд и член на советодавната група на новозеландското Министерство за здравство, на самитот рекол:
"На Нов Зеланд секогаш сме ја гледале Велика Британија како пример за водство и научна експертиза за принципите во јавното здравје".

На самитот бил и Хозе Мартин Морено од Универзитетот во Валенсија, исто така советник на Светската здравствена организација.
"Не разбираме зошто тоа се случува и покрај сите научни факти и сознанија кои ги имаме", рекол Мартин Морено.
Други научници предупредиле дека многу други земји би можеле да го следат британскиот пример.
"Тоа од што се плашам е дека многу држави би можеле да го следат британскиот пример", рекол Вилијам Хаселтин, поранешен научник од Харвард.

"Многу сум загрижен, бидејќи гледаме забрзан раст на бројот на инфекции во популацијата", додал Хаселтин.
Професорката Кристина Пагел, директорка на истражувањата на Универзитетскиот колеџ во Лондон, на самитот рекла:
"Поради положбата на Англија во глобалниот транспорт, било кој сој што ќе стане доминантен во Велика Британија веројатно ќе се прошири на остатокот од светот. Политиката на Британија не влијае само на нас, туку влијае на сите".
"Веруваме дека владата тргнува во опасен и неетичен експеримент и затоа повикувана на прекин на плановите за 19-ти јули", се наведува во писмото пратено до списанието "Lancet".













