Неодамна, бројни медиуми пишуваа за 42-годишен маж од Индија кој боледува од ретко нарушување кое предизвикува да спие дури 300 дена годишно.
Индиските медиуми неодамна известија за бизарниот случај на Пуркхарам, средовечен жител на селото Бадва во Раџастан, кој наводно пати од хиперсомнија и може да спие до 25 дена по ред.
Реткото нарушување му било дијагностицирано пред 23 години, кога спиел по 15 часа дневно, но симптомите со текот на времето му се влошувале. Тој уште пред 6 години започнал да спие по 2 дена по ред, наместо 6 до 7 часа.
Сопственикот на мала продавница наскоро започнал да спие и по 7-8 дена, а состојбата му се влошила до степен да спие и до 25 дена без прекин, пренесува „Oddity Central“.
Продавницата во своето мало село ја држи отворена само 5 дена месечно, а понекогаш заспива и додека е на работа. Кога тоа ќе се случи, Пуркхарам не може да се разбуди, а неговото семејство само го носи дома. Понекогаш тие и го капат додека тој спие.

Неговата сопруга Личми Деви вели дека нејзиниот сопруг неодамна се разбудил по 12 дена сон и веднаш ја отворил продавницата, но никој не знае колку долго ќе остане буден.
Моментално нема познат лек за неговата состојба, а од методите кои ги испробал досега имал нуспојави како силни главоболки и умор. Неговото семејство сепак се надева дека тој ќе закрепне и ќе се врати на нормалниот живот.








