Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, денеска изјавил дека САД не успеале да ги реализираат поставените цели во Авганистан.
"Американците заминаа, како што потврди претседателот на САД Бајден, бидејќи оценија дека нивната мисија е завршена. Секако, Бајден се обидуваше да ја претстави ситуацијата во максимално позитивно светло, но сите сфаќаат дека мисијата пропадна. Тоа отворено се признава, меѓу другото и во САД", рекол Лавров.
Министерот истакнал дека тероризмот никаде не исчезна, а терористичката група ИСИС и ограноците на Ал Каеда ги зацврстија своите позиции во земјата. Притоа, како што додал, производството на наркотици достигнало рекордни бројки, а во врска со тоа не се презема ништо.

Истовремено, шефот на руската дипломатија нагласил дека Москва планира да соработува со Вашингтон и Пекинг со цел решавање на ситуацијата во земјата. Како што додал, неопходно е да се користат политички средства за да се постигнат тие цели ,а во дијалогот би требало да учествуваат и претставници на талибан.
Лавров порачал дека Москва не е заинтересирана за тоа на територијата на Авганистан да царува хаос.

"Не само поради тоа што не сакаме тој да се прелие во нашите соседни, сојузнички држави, туку едноставно поради тоа што го сакаме само најдоброто за авганистанскиот народ и заинтересирани сме за тоа тој пријателски народ да живее мирно во општество кое се развива стабилно", објаснил шефот на руската дипломатија.
Тој прецизирал дека Русија не сака една од страните да надвладее во Авганистан, бидејќи тоа би било многу нестабилно, кревко и привремено решение.












