Грција ја продолжи забраната за влез, границите остануваат затворени до 3 мај

Точка

25/04/2021

13:05

3.964

Големина на фонт

а а а

Грчката влада ги продолжи одлуките за привремено ограничување на копнените граници, како и за забраната за влез на државјани на трети земји, за уште една седмица односно до 3 мај 2021 година.

Новата одлука, што претставува продолжување на претходната од минатиот понеделник, веќе е објавена во Службен весник на Грција и стапува во сила утре во 6 часот наутро, пренесува „Слободен печат“.

Промена има во последниот член на одлуката, каде што е додаден нов став што се однесува на задолжителниот ПЦР тест што патниците треба да го покажат при влезот во земјата и наведено е дека важи и за деца кои наполниле 5 години – нешто што не беше споменато во претходните одлуки.

Од задолжителниот карантин и забраната за влез, исклучок се државјаните на членките на ЕУ и на уште 11 други трети земји кои задолжително треба да имаат сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест.


Со воведените промени од минатата седмица, што се продолжени и сега за влез преку Бугарија, освен Промахонас (Кулата), отворен е и преминот Нимфеас (Маказа), преку кој посетителите, за кои е дозволен влез, можат да пристигнат во Грција. За граничниот премин Евзoни (Богородица) кон Северна Македонија, како и Какавиас кон Албанија не постојат промени, односно ќе работат од 7 до 19 часот по локално време. Дозволен е влез само за одредени категории, со потврда за претходно направен негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти. Дневно дозволено е во Грција да влезат најмногу 400 лица, додека пак задолжителен е домашен карантин од 14 дена.

Забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.

Границите на Грција за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани се затворени над 13 месеци, откако лани, за време на првиот карантин во март, беше воведена одлуката, а оттогаш континуирано се продолжува.