Тешко дека со 34.000 жители Гибралтар е пример за другите, но е прво место во Европа каде, благодарение на вакцинацијата, епидемијата во голема мера е надмината. Рестораните работат до доцна во ноќта, а позитивно тестирани на Ковид-19 нема.
Откако маските повеќе не мора да се носат на отворено, Саманта Сакраменто постојано има чувство дека нешто заборавила додека оди по улица.
„Мислам дека допрва психолошки мора да закрепнуваме“, вели министерката за здравство на малата британска област на јужниот `рт на Пиринејскиот Полуостров.
Укинати се забраните за излегување, баровите и рестораните работат до 2 часот по полноќ, како и пред пандемијата. Шпанските телевизии го посетуваат Гибралтар и зборуваат со луѓето кои чувствуваат олеснување.
„Можеби наскоро ќе можеме да живееме како претходно“, вели една келнерка.
Ова е чиста спротивност од остатокот на Европа каде мерките се заоструваат поради сè поголемиот број новозаразени.
Од друга страна, Гибралтар со 34.000 жители го имаше врвот на пандемијата во јануари со 172 нови случаи дневно. Во малата британска прекуморска област од Ковид-19 починаа 94 лица.
Вакцинираат и Шпанци
Во последните денови празно е ковид-одделението во локалната болница „Свети Бернард“, а позитивни нема.
Тоа е благодарение на не само претходните строги мерки, туку и на речиси потполната вакцинација. Освен жителите, вакцинирани се и повеќе од десетина илјади луѓе кои живеат во Шпанија, но работат на Гибралтар и секој ден патуваат. Во Андалузија, соседниот шпански регион, ситуацијата со коронавирусот и вакцинацијата не е нималку розова.
Вакцинацијата на Гибралтар, со вакцини од Велика Британија, не е голем логистички предизвик – цела држава се протега на 6,5 квадратни километри. За час се вакцинирани речиси сите од кои само 3 отсто од популацијата одбива да се вакцинира. Во оваа област веќе функционира еден вид ковид-пасош.
Сепак, не е баш сè како порано. Управата на Гибралтар игра внимателно, така што маските и понатаму мора да се носат во продавниците.
Неодамна беше одржан бокс меч на кој присуствуваа 500 гледачи, целосно вакцинирани и тестирани со брз тест за коронавирус.