Дарко Димитров ова лето ќе прослави 30 години кариера. Од времето кога настапуваше со „Нулта позитив“ и заедно со Мирко Митревски ја испеа „Отвори го пенџерчето“, па до денес, Дарко е почитуван музичар и надвор од Македонија.
„Секое утро станувам и си велам дека јас сум никој и ништо, па ослободен од мислите почнувам да работам од нула. Само вака, кога не сум оптоварен од хитови, соработки, награди, мислам дека можам да создавам музика “, вели Димитров за „Репортер“.
Малкумина знаат дека во осмо одделение основал фирма за компјутери и дека сакал да се занимава со режија. Сепак, кога во средно наставничките побарале од него на школска приредба да ја испее „Чија си“, легендарната песна на татко му Славе Димитров, Дарко сфатил дека не може да побегне од музиката.
„Не сакав да пеам на приредбата, но ме убедија. Потоа им кажав дека ќе пеам, само ако ми ги поправат оценките. Тогаш компонирав песна за сите професори од училиштето и така тргна сè“, вели Димитров за почетоците.