Возач на компанијата на едно од рочиштата призна дека автобусите на „Дурмо Турс“ имале манипулатор на брзината, самата компанија вршела сервис на сопствените автобуси, но сопственикот сепак тврди дека „на никој начин не придонел“ за несреќата во која загинаа 16 лица.
Сопственикот на „Дурмо Турс“ Дурмиш Белули на денешното рочиште појасни дека сите поправки на автобусите се вршеле во сервисот на станицата. Одговорен бил Ремзи Мифтари, но тој „не можел да знае“ што е проблемот со одредено возило ако тоа не го пријави возачот.
„Јас жалам и чувствувам тага за тоа што се случи. Што и да се случи со нас, тоа жртвите не ги враќа. Го повикувам единствениот учесник во сообраќајната несреќа – возачот Мануел Трифуновски да каже што се случило. Без оглед кој ќе одговара, да каже. Само тој ја знае вистината, другото се претпоставки“, изјави Белули и порача дека „на никој начин не придонел за сообраќајната несреќа“.
Белули меѓу другото порача дека никогаш не вршел притисок врз контролорите во станицата за технички преглед да внесуваат неточни информации, а истакна дека никогаш не се штедело на делови или друго во „Дурмо Турс“.
Иако е сопственик на компанијата, Белули тврди дека не знаел дека неговите автобуси имале манипулатор на брзината. Според него, од манипулаторот на брзината неговата компанија може само да има штета, а од друга страна корист има „само возачот“.
Еден од возачите, Џемаил Салии пред две години на едно од рочиштата призна дека автобусите имале вграден манипулатор за брзината, за потоа да изјави дека не се сеќава, дека „тоа не е вистина и тоа не биле негови зборови“. Салии пред обвинител изјавил и дека „шефот Ремзи Мифтари знаел дека се манипулира со брзината, а системот се вклучувал на автопат кога се возело побрзо“.
Во автобуската несреќа во близина на селото Ласкарци на 13-ти февруари 2019-та година, загинаа 16 патници, а 37 беа потешко повредени.
Обвинети се вкупно шест лица - покрај сопственикот Дурмиш Белули и одговорниот за транспорт Ремзи Мифтари, обвинет за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот е и возачот Маноел Трифуновски. Останатите тројца вработени во станицата за технички преглед (Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски) се обвинети за соучество во делото.