Принцот Вилијам е првиот член на британското кралско семејство кој јавно се огласи во врска со обвинувањата за расизам кои неговиот брат, принцот Хари и Меган Маркл ги изнесоа во интервјуто емитувано во неделата во САД.
Тврдењата на Хари и Меган дека имало членови на кралското семејство кои се прашувале дали нивниот син ќе биде „црномурест“ додека Меган била бремена ја шокираа светската јавност, посебно Бакингемската палата.
Денес во врска со овие тврдења се огласи и принцот Вилијам кој истакна дека се уште не разговарал со својот брат, но најави дека наскоро ќе го стори тоа.
„Ние, во голема мера, не сме расистичко семејство“, одговори Вилијам за време на посетата на училиште во источен Лондон.
Овој одговор следуваше откако новинар го запраша „дали кралското семејство е расистичко“.
Да потсетиме, од Бакингемската палата преку соопштение истакнаа дека прашањето околу расизмот кое го отворија принцот Хари и Меган Маркл е „загрижувачко“ и дека во врска со тоа, кралското семејство ќе го реши „во свои четири ѕидови“, а јавноста ќе биде исклучена.
Британските медиуми пренесуваат дека сите членови на семејството, посебно Вилијам и Кејт биле вознемирени од тврдењата на принцот Хари и Меган Маркл, која во интервјуто изнесе дека Кејт ја расплакала кога пробувала фустан во пресрет на венчавката.