Слушнете ја новооткриената композиција на Моцарт која се криела од ушите на јавноста повеќе од 200 години

Точка

02/02/2021

10:32

3.864

Големина на фонт

а а а

Во тек е „неделата на Моцарт 2021“, а концертот со кој беше отворен фестивалот го одржа уметничкиот директор Роландо Вилакон со оркестарот Салцбург Моцартеум под диригентската палка на Кери-Лин Вилсон.

Но, деновите на Моцарт оваа година ги одбележа еден посебен настан: светска премиера на непознато дело од самиот музички вундеркинд.

Новооткриеното клавирско соло наречено „Allegro in D - K.626b/16“ го отсвири светски познатиот пијанист Сеонг Џин Чо во Големата сала на фондацијата Моцартеум од Салцбург. Рециталот од 94 секунди беше одржан на 27 јануари, иконичен датум со кој се одбележа 265-годишнината од раѓањето на Волфганг Амадеус Моцарт.

Изгубен ракопис

Моцарт го напишал ракописот кон крајот на 18 век, најверојатно 1773 година, додека ја завршувал посетата на Италија или веќе се враќал во својот роден град Салцбург во Австрија. Тогаш имал 17 години.

Директорот за истражувања во фондацијата, Улрих Лајсингер изјавил дека ракописот изгледа прилично необично за Моцарт, но ги има неговите карактеристики. Се претпоставува дека композицијата е напишана многу брзо, а листот на кој Моцарт ја пишувал не е музички, туку обичен лист и тоа е навистина уникатно парче.

Каде бил сите овие години?

Не е познато како и зошто, но се верува дека ракописот од имотот на најмладиот син на композиторот преминал во колекцијата на музичарот-аматер Алоис Фукс. Потоа била подарена, можеби по грешка, и изгубена за музичката заедница. Во 80-те години на 20-от век се појавил во посед на трговец на антиквитети во Виена, за на крајот да се продаде на аукција во 1899 година. Отприлика во тоа време и бил забележан примерокот бидејќи каталогот Кохел во кој се наоѓал списокот на делата на Моцарт започнал да го споменува.

По повеќе од 100 години подоцна, во 2018 година, фондацијата добила прилика да го купи ракописот од семејство на француско-холандски инженер кој самиот го купил ракописот од трговец во Париз во 20-те години на 20-от век.

Во тој момент, фондацијата успеала да потврди дека делото е навистина на Моцарт. Објавено е истиот ден кога е одржана и светската премиера и претставува едно од најголемите музички откритија во скорешната историја.