Оскаровецот Хоакин Феникс ќе го глуми Наполеон Бонапарта во филмот „Kitbag“

Точка

18/01/2021

20:16

2.558

Големина на фонт

а а а

Оскаровецот Хоакин Феникс ја добил честа да ја толкува една од најпознатите историски личности, францускиот војсководец Наполеон Бонапарта, во филмот „Kitbag“.

Филмот кој е во режија на Ридли Скот, ќе биде финансиран и продуциран од страна на „Apple Studios“, а неговото снимање ќе започне кон почетокот на наредната година во Велика Британија. 

Хоакин Феникс минатата година доби Оскар за најдобар актер во главна улога, благодарание на улогата во филмот „Joker“.

Ова остварување нема да биде прва соработка помеѓу Феникс и Скот. Имено, овој актер го толкуваше римскиот цар Комод во хитот на Скот – „Gladiator“, дамнешната 2000 година.


„Ниту еден актер не би можел толку добро да го глуми Наполеон како Хоакин. Нему му успеа да оживее еден римски цар како никој пред него, па верувам дека истата бравура ќе ја повтори и во овој филм“, изјавил Ридли Скот по повод изборот на Хоакин за улогата на Бонапарта.

Скот додал и дека одлучил да режира филм за францускиот војсководец бидејќи отсекогаш бил фасциниран од него.


„Тој се појавил од никаде и ја приграбил апсолутната власт во Франција. Во периодот додека војувал низ Европа и освојувал нови територии, тој водел и една вистинска мала љубовна војна со својата сопруга Жозефина, која редовно го изневерувала со други мажи“, истакнал Скот, пренесува „Deadline“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг