СДСМ: ДПМНЕ целата своја идеологија ја изгради на погазување на НОБ и на бришење на имиња на улици и установи

Макфакс

26/11/2020

20:38

1.500

Големина на фонт

а а а

Целосно издиша хистеријата заснована на лаги и невистини што ја ширеше антиевропското ДПМНЕ. Едвај 200 членови го поддржаа губитникот Мицкоски, реагира СДСМ, на изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот протест кој побара оставка и извинување од Заев.

„Граѓаните покажаа дека сакаат иднина, сакаат развој и напредок, сакаат членство во НАТО и ЕУ. Не му помогна ниту поддршката од неговата вазалска партија Левица, a јавноста вечерва сведочеше на контрадикторно однесување, на навреди и клевети, на повици за насилство. Граѓаните добро го знаат игнорантскиот, срамниот однос на ДПМНЕ кон НОБ, АСНОМ и македонските партизани“, велат од СДСМ.

ДПМНЕ, додаваат од таму, е партијата која целата своја идеологија ја изгради на погазување на НОБ, на борците, партизаните, на бришење и менување на имиња на улици, булевари и установи именувани по македонски партизани, партија која за време на режимот, ги исфрли на улица живите борци и ги остави без простории, партија која создаде Музеј на жртвите на комунизмот.

„Само во Скопје, беа избиршани и преименувани, улицата Стив Наумов, „Мост на револуцијата“, „29 ноември“ и многу други, па дури и пораката на Тито за солидарност од Железничката станица. Ете тоа е ДПМНЕ. Мицкоски и неговите приврзаници можат да блокираат колку сакаат, граѓаните знаат што е вистина и кој се бори за македонската иднина, кој го заштити македонскиот идентитет во најтешките преговори во историјата на земјата. Затоа јавноста не го поддржува и Мицкоски доживува дебакли на секој протест, затоа беше казнет од граѓаните и затоа уште долго ќе остане во опозиција“, пишува во реакцијата.