Поради отсуство на обвинетиот Сашо Мијалков, се одложи судењето за случајот „Таргет Тврдина“.
Неговиот адвокат, Љупчо Шврговски, на денешното рочиште изјавил дека сопругата на Мијалков била заразена со Ковид-19, а и тој синоќа пројавил симптоми.
„Вчера доцна бев известен од Сашо Мијалков, дека неговата сопруга Александра Мијалкова е позитивна на тестот на коронавирус. Истовремено од негова страна ми беше посочено дека и тој има покачена температура и сува кашлица и денеска попладне ќе прави тест“, изјавил Шврговски.
Екипа на приватна болница направила домашна посета и утврдила дека Мијалков има висока температура и сува кашлица. Му била препишана и соодветна терапија.
Шврговски изјавил дека Сашо Мијалков денеска попладне ќе се тестира на Ковид-19.
Покрај Мијалков, на обвинителна клупа во „Таргет Тврдина“ седат и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинет на Мијалков, Тони Јакимовски, и уште неколку лица од УБК. Обвинети се и бегалците Горан Грујевски како тогашен началникот на Петтата управа и ексразузнавачот Никола Бошковски, на кои им се суди во отсуство.
Тие се товарат за нелегално прислушување на над четири илјади телефонски броеви во периодот меѓу 2008-ма и 2015-та година.