Свечен академски час на Факултетот за безбедност во Скопје

Макфакс

01/10/2020

16:26

962

Големина на фонт

а а а

Денеска на стадионот на Факултетот за безбедност во Скопје се одржа свеченост по повод почнувањето на новата академска 2020/2021 година на најстарата високообразовна институција од областа на безбедноста во државата.

На првиот академски час говореа министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, државниот секретар на МВР, Магдалена Несторовска, проректорот на УКЛО, Марјан Ѓуровски, и деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски. Индекси им беа врачени на сите запишани студенти, а свеченост имаше за најдоброрангираните запишани студенти на сите студиски програми. 

Универзитетот „Св.Климент Охридски“ подготви посебна стратегија за реализација на наставата во услови на пандемија која преку еден хибриден модел на пристап и во најголемиот дел онлајн работење ќе одговори успешно во совладувањето на наставните содржини и практики и при тоа ќе го заштити здравјето на студентите и на сите вработени на високообразовните институции, информираше проректорот Ѓуровски.

Според него, конечно, поради пандемијата, многумина ќе размислат за значењето на високото образование и насушната потребата од некои професии во државата – доктор, информатичар, но и припадник на полицијата, армијата, разузнавачката заедница и др.

„Професионализација и департизацијата на безбедносниот систем само ќе овозможат по завршувањето на студиите сега запишаните студенти да го најдат своето место и работа во безбедносните структури на државата и други значајни институции, меѓународни, регионални и друг тип организации“, рече професорот Ѓуровски.

Меѓу другото, тој децидно нагласи: „Професорите и студентите никогаш не стоеле на различни страни. Тоа е така уште од создавањето на првите универзитети во светот, но едно треба да се знае, незадоволни професори создаваат уште понезадоволни студенти – околу ова сакам да пратам порака која гласно ќе ја изговорам со уверување дека ќе биде соодветно сфатена – статусот и стандардот на професорите, кој не е на потребното ниво, непосредно влијае врз студенскиот стандард и генерално рангирањето на македонските универзитети“.

Високото образование, студентите, професорите и државните универзитети, според Ѓуровски, заслужуваат многу повеќе.

Тој смета дека за почеток треба да се врати високото образование и тоа да биде меѓу првите три високи приоритети во јавните политики, кај ресорното Министерство за образование и наука.

„Потоа, заеднички да се работи на имплементација на цели и задачи преку поголема финансиска инјекција од државата за студентскиот стандард, за следење настава и сместување, за факултетите, професорскиот кадар, негово подмладување, како и научните и стручните истражувања. Впрочем, кога стремиме кон Европската Унија и до крајот на годината почнување преговори за полноправно членство, треба да го имаме предвид ставот на Европската комисија дека Европа мора да ги зајакне трите страни на триаголникот – знаење, образование, истражување и иновации. Универзитетите, факултетите се најважни за сите три. А студентите и професорите се столбовите на универзитетите“, нагласи професорот Ѓуровски.

Факултетот за безбедност во Скопје запиша повеќе од 220 студенти во четирите студиски програми за криминалистика, безбедност, криминологија и евро-атлански интерграции. Основна мисија на Факултетот за безбедност е зголемување на стабилноста и безбедноста во општеството преку учење, создавање професионален кадар и спроведување истражувања и развојни активности во полето на образованието, науката и безбедноста.