Од Сојузот на средношколци денес соопштија дека ќе започнат со онлајн настава, но до моментот кога ќе се подобри епидемиолошката слика во земјава.
Иако средношколците ќе започнат со онлајн настава, од Сојузот најавија бојкот во случај епидемиолошката состојба идниот месец да остане стабилна, а институциите не дозволат враќање на учениците во училница.
„Во случај тоа да не се случи, секој ученик ќе ја бојкотира наставата во ноември. Ова не треба да се сфати како компромис со Владата, туку како ултиматум од еден месец до министерката Мила Царовска и министерот Венко Филипче“, изјави претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи кој се обрати пред зградата на Министерството за образование и наука.
Средношколците кои одржаа и протест кон крајот на минатиот месец, побараа комбинирана настава доколку се подобри ситуацијата со заразени од коронавирус во Македонија.
Од Сојузот на средношколци ја поздравија националната платформа за онлајн настава, но истовремено нагласија дека онлајн наставата дополнително ги погоди најранливите групи.
Учебната година и официјално започнува утре, а ќе се одвива во најголем дел преку онлајн настава.
Учениците од прво до трето одделение, со дозвола на родителите ќе одат на училиште, а тоа важи и за стручни училишта и училишта со помал број на ученици каде постои помал ризик од евентуално ширење на заразата.