Жена исчезнала пред две години, а сега ја пронашле како плута на море: Кога се освестила, ја раскажала својата приказна

Точка

29/09/2020

20:46

5.978

Големина на фонт

а а а

Анхелика Гајтан исчезнала пред две години. Никој не можел ни да помисли дека на 26-ти септември, речиси без свест, рибари ќе ја пронајдат како плута по морето на околу километар и пол од брегот Пуерто Колумбија, во департманот Атлантико, во Колумбија.

Исцрпената жена со знаци на хипотермија ја спасил рибарот Роландо Висбал. Прво и се обратил на шпански, а потоа и на англиски, не знаејќи дали може да го разбере. 

Полицијата истражува што правела жената претходните две години и како завршила во морето.

На објавената снимка се гледа како Висбал и неговиот пријател Густаво со чамец и се приближуваат на жената која плута. Прво не знаеле во што гледаат, а потоа сфатиле дека жената е во неволја. Ја влечеле кон чамецот со помош на јаже врзано за појасот за спасување кој претходно го фрлиле. Висбал одвај успеал да ја извлече од водата и да ја крене на бродот. Ја смирувал и и нудел вода за пиење, но таа била видно вознемирена и плачела.

Како што се наведува, плутала по морето околу осум часа и била примена во болница во состојба на шок. Во меѓувреме, локалните медиуми му влегле во траг на нејзиното семејство. Ќерката Алехандра Кастилбланко изјавила дека две години не знаела каде е нејзината мајка, но го отфрлила тврдењето дека сакала да се убие поради пропадната врска или затоа што ја нападнал поранешен љубовник.

Кастилбланко и нејзината сестра собираат пари за да ја донесат својата мајка во Богота, каде живеат, и се надеваат дека "семејството ќе се погрижи за неа".

Сепак, други медиуми пренеле дека Анхелика била 20 години во врска со насилник.

"Злоставувањето прво започна за време на бременоста, ме тепаше. Во текот на втората бременост малтретирањето продолжи, но не можев да побегнам од него бидејќи девојчињата беа мали. Повеќе пати го пријавував во полиција, но го одведуваа на 24 часа, па кога ќе се вратеше, насилството продолжуваше. Одлучив да заминам по еден брутален напад. Во септември 2018-та година ми ја повреди главата и се обиде да ме убие. Благодарение на Бог, успеав да побегнам", ја започнала таа Анхелика својата исповед.

Додава дека 6 месеци живеела во Баранкила, каде завршила во прифатилиште за бездомници. Барала помош, но набрзо паднала во депресија.

"Веќе не сакав да живеам. Една жена ми позајми пари за карта и отидов со автобус директно до морето. Се сеќавам дека бев на брегот, бев сама и одлучив да скокнам во водата. Пуштив да ме носи, надевајќи се дека кошмарот набрзо ќе заврши", рекла таа.

После тоа ја изгубила свеста.

Сепак, на крајот, среќна е што преживеала.

"Му благодарам на Бога што сум жива, што ми ги прати спасувачите. Ме вратија во живот и ме однесоа во болница, каде добивам неопходна помош", заклучила таа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг